Навивачите на Бешикташ се познати како едни од најгласните во фудбалскиот свет, но вечерва во петтото коло, во Лигата на шампионите, своите миленици против Бенфика ќе ги поддржат во тишина.
Иницијативата за ваква поддршка ја покренале играчите на Бешикташ Хачисон, Бек, Инлер и Ујсал, кои сакаат да го насочат вниманието кон глувонемите лица воочи меѓународниот Ден на лица со инвалидитет, но и да ја поддржат борбата против расизмот на фудбалските терени.
Со јазикот на глувите навивачите на Бешикташ прво ќе речат „Стоп за расизмот“, а потоа и „Црн орел“ кој инаку го преставува клупскиот симбол.
Во оваа акција турските навивачи сакаат да ги вклучат и навивачите на Бенфика кои ќе го следат мечот. За таа прилика тие со наведените пораки испечатиле плакати на португалски јазик.
Симпатизерите на Бешикташ се познати по своите левичарски ставови и многу често се вклучуваат во разни општествени акции.