Челзи десет во низа, победи на Сити, Јунајтед, Тотенхем

Победите на фаворитите го комплетираа 16.коло во Премиерлигата, по кое Челзи стекна предност од шест бода во однос на конкурентите.

Челзи на Антонио Конте ја забележа десеттата победа во низа и во пресрет на божикните празници има шест бода повеќе од Арсенал и Ливерпул.

„Сините“, без повредениот Азар минимално победија во Сандерленд со голот на Сеск Фабрегас.

Ливерпул и Тотенхем со идентични 3:0 славеа против Мидлсброу, односно Хал. Два гола за Ливерпул кај Мидлсброу постигна Лалана, еден Ориги, додека Тотенхем до триумфот над Хал го предводеше Ериксен со два гола.

Манчестер Јунајтед како гостин славеше над Кристал Палас со 2:1. Ибрахимовиќ го постигна победничкиот гол на две минути до крајот на мечот. Претходно шведскиот интернационалец му асистираше на Погба за 0:1, а израмни Мекартур во вториот дел.

Манчестер Сити со головите на Забалета и Давид Силва го победи Вотфорд.

Вест Хем славеше против Барнли 1:0, ВБА го победи Свонси со 3:1, а без голови заврши натпреварот Стоук-Саутемптон.

Челзи е лидер со 40 бодови, шест повеќе од Арсенал и Ливерпул, Сити има 33, Тотенхем 27, а Манчестер Јунајтед 26 бодови.