ЗИМСКАТА СЛУЖБА ВО БИТОЛА ПОДГОТВЕНА ЗА НАЈАВЕНИТЕ ОБИЛНИ ВРНЕЖИ И СТУД

Во пресрет на интензивните врнежи од снег и ниските температури кои се најавуваат градоначалникот на Општина Битола, денес го посети стопанскиот двор на КЈП Нискоградба, претпријатие одговорно за одржување на патната мрежа во општината Битола со цел уште еднаш да се констатира подготвеноста за делување на терен. Претпријатието е добро екипирано и технички подготвено да интервенира согласно програмата според која истото работи.

„Тие се подготвени уште на почетокот на сезоната согласно годишната програма на претпријатието. Набавена е ризла и сол, ја имаат потребната механизација, но поради временските прогнози решивме да го посетиме стопанскиот двор, да видиме каква е ситуацијата. Ова што го гледаме значи дека подготвеноста на јавното претпријатие е 100%. Очекуваме онаму каде што е потребно целата механизација да излезе на терен и да ги расчисти сите патни правци, за да не дојде, во следната фаза кога ќе има пад на температурите мраз да остане по патиштата. Сето тоа го правиме за поголема безбедност на возачите“, изјави грдоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Зимските врнежи од снег за КЈП Нискоградба не претставуваат опасност или изненадување, затоа што претпријатието, години наназад, подготвено се соочува со барањата кои ги наметнуваат временските услови во овој период од годината.

„Како и секоја година и оваа, спремни ја дочекуваме зимската сезона, која за нас започна на 15 ноември, но согласно прогнозата очекувањата се дека веќе од попладневните часови ќе започнеме со поголеми интервенции на терен. Инаку зимската служба, реализирана според програмата на Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола, предвидува што и какви возила ќе се користат, а ние располагаме со тие возила. 18 возила имаме на број, работиме од три пункта – потесно градско подрачје и поранешна општина Кукуречани, втор пункт е за општина Цапари и трет пункт за поранешна  општина Бистрица. Значи покриваме 180 км патишта во потесното градско подрачје и околу 54 рурални населби“, изјави директорот на КЈП Нискогардба, Кире Крстевски на денешната прес конференција.

Имајќи ја предвид, подготвеноста на претпријатието, радува фактот, што битолчани можат да бидат сигурни, дека и покрај најавите за лошите временски услови, карактеристични за зимскиот период, битолските улици ќе бидат чисти, а со тоа ќе биде зачувана и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.