Заев се сретна со Бејли, порача дека никој не може да ги спречи демократските процеси

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, во понеделникот се сретна со амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

„Мнозинството граѓани во Македонија избра промени на парламентарните избори. Мнозинската волја на граѓаните мора да биде почитувана. Република Македонија ќе добие Влада којашто ќе работи во интерес на сите граѓани на Македонија“, изјавил Заев на средбата, соопштуваат од СДСМ.

Заев нагласил дека институциите се должни да работат во служба на граѓаните.

„Граѓаните се определија за добар живот, за слобода, за демократија. Тоа што граѓаните не подлегнаа на манипулациите и провокациите изминатите денови е уште една потврда дека општеството е зрело за промени. Деновите што престојат ќе покажат дека започнатите демократски процеси во Македонија веќе никој не може да ги спречи.

Разбудена е свеста дека тоа е клучот за перспективна и стабилна Македонија, во којашто доаѓа живот за сите граѓани“, рекол Заев на средбата со американскиот амбасадор Бејли.