Повеќе од 20 илјади луѓе биле прислушувани во Македонија во период од неколку години, изјави во понеделник на прес-конференција претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев.
„Поднесовме кривични пријави против Сашо Мијалков, директор на УБК, Горан Груевски, раководител на Петтата управа на МВР и непознати лица во УБК“, рече Заев, притоа додавајќи дека вработените што учествувале во прислушувањето, но случајот го пријавиле, треба според законот да бидат ослободени од кривично гонење.
Заев рече дека материјалите што ги поседуваат, докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од страна на луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија, по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски.
Тој додаде дека во прилог на кривичната пријава, има над 300 негови телефонски разговори, снимени само за неколку денови, појаснувајќи дека неговите разговори биле снимани најмалку четири години во континуитет, што, како што кажа, било незаконски.
Заев рече дека незаконски биле снимани и разговорите на останати членови во врвот на опозицијата, новинари, бизнисмени, НВО-а, МАНУ, на Синодот на МПЦ-ОА, поединци блиски до опозицијата, и биле доставувани до Груевски и неколку луѓе околу него како подготвен информативен материјал.
„За време на изборите, ги злоупотребувале државните служби да имаат 24 часовни извештаи за секој од главните кандидати и лидери на опозицијата. Секој ден добивале резимеа за својот политички противник“, рече Заев.
Според него, снимањето на разговорите е направено од домашни служби, а не од странство, како доказ посочувајќи ги скорешните апсења на лица вработени во МВР.
„Вакво масовно прислушување можат да спроведат само домашни државни служби. Никој во Македонија не е изненаден дека постои прислушување и дека се прислушува. Особено не дека се прислушува опозицијата…. но ова што го видовте и ќе го видите, ги надминува и најцрните очекувања“, рече Заев.
Додаде дека од сите што биле прислушувани, а се на важни општествени позиции, нема прислушувано само разговори меѓу премиерот Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Лидерот на опозициската СДСМ уште и истакна дека ваквата операција е невозможна без УБК во соработка со мобилните оператори, при тоа барајќи да се изврши и вештачење на снимките со што ќе се докаже дека се снимени со опрема на УБК.
Според Заев, целта со објавувањето на овие материјали е да се врати слободата и демократијата во Македонија. Тој ја повика јавноста да го следи она што го објавуваат, како и меѓународната заедница активно да се вклучи и внимателно да следи сè што се објавува.
Во продолжение беа презентирани аудио снимки на телефонски разговори, за кои Заев рече дека се направени од службите на УБК, а во кои има разговори меѓу него и неговите соработници, со новинари, но и со членови на неговото семејство.
Претседателот на СДСМ појасни дека прислушувани се и разговорите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески, како и на Али Ахмети, Руфи Османи, Мендух Тачи и Љубчо Георгиевски.
„Ние ја имаме изгубено довербата во правосудните органи. Кривичната пријава ја поднесуваме само за да оставиме трага“, рече Заев, при тоа додавајќи дека доколку Јавното обвинителство почне да постапува и по кривичната пријава за „Пуч“, но и по оваа поднесена од СДСМ и започне истрага, тие ќе станат херои на идните генерации.