ВО БИТОЛА ЌЕ БИДЕ ПОСТАВЕН СПОМЕНИК НА ВОЈВОДАТА АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ

Споменикот на војводата Александар Турунџев, кој согласно програмата усвоена од Советот на Општина Битола, треба да биде наскоро поставен, е изработен.

 Автор на идејното решение на споменикот е Ѓорѓи Димовски, а изработката е извршена во ливница во Скопје под надзор на менторот Валентина Стевановска. На овој начин, општина Битола, дава свој мал придонес кон тоа што значи историска обврска и должност за достоинствено одбележување на делата на војводата.

„Споменикот е висок 3 метри, тежок 500 кг и ќе биде поставен на постамент од 2 метри. Изработен е  од бронза, во вредност од 28 000 евра“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.

Споменикот треба да биде поставен кај ветеринарната станица во Битола, каде што е предвидена изградба на кружен тек. Но, поради потребата за отстранување на дрвја во овој дел на градот за реализација на проектот за изградба на кружен тек, како и реакцијата на мештаните по ова прашање во понеделник во Општина Битола, претставници од мештаните од овој дел на градот и стручни лица ќе се обидат да најдат решение за реализација на проектот за изградба на кружен тек. Надминувањето на овој проблем ќе значи реализација на два проекти: изградба на кружен тек и поставување на нов споменик во Општина Битола.