ВМРО-ДПМНЕ: Заев го загрозува безбедносниот систем

ВМРО-ДПМНЕ е згрозена од обидот на челникот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, да нанесе директна штета на безбедносниот систем и капацитетот на институциите задолжени за безбедноста на граѓаните и државата, се вели во реакцијата на владејачката партија.

Претходно во средата, во серијата објавувани прислушувани телефонски разговори на претставници на власта, според тврдењата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, беа презентирани разговори, меѓу кои еден наводно меѓу директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и негови соработници во коишто наводно се зборува за провизија при набавка на опрема за службата.

Од владејачката партија, пак, тврдат дека станува збор за донација која ја добила Македонија од пријателски служби, што претходно го соопшти Министерството внатрешни работи. Станува збор за опрема која се однесува на капацитетот на специјалните единици на МВР, а не е опрема за Управата за безбедност и контратазузанвање (УБК), ниту за прислушување.

„При оваа постапка се почитувани сите законски процедури. Потенцираме дека МВР веќе потврди постоење на целосна документација за оваа донација“, уверуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека „поигрувањето со ова прашање значи мината линија на ум и разум кај лидерот на СДСМ“.

„Подолно дно од ова што денеска го постигна Заев не можеме да претпоставиме дека постои. Зоран Заев денеска преку лепени, прелепувани, креирани, сечени и вадени од контекст снимки директно нанесува штета на безбедносниот систем на Република Македонија. Уште повеќе, тој нанесува штета и на пријателски земји кои многукратно досега и помагале на Македонија во изградба на сериозен и стабилен безбедносен потенцијал“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ алудирајќи на изјавата на лидерот на опозициските социјалдемократи дека на снимките станува збор за компанија од Израел.

Од владејачката партија повторувајќи дека станува збор, како што велат, за креирани телефонски записи кои изинатите два месеца се презентираат пред новинарите и во јавноста, исткануваат дека по „секаквите обвинувања, манипулации и лаги, ова денеска е врв на неодговорноста“ на Зоран Заев. Притоа се посочува дека тоа може да се одрази врз државата, кон нејзините безбедносни служби, кон пријателските држави и кон безбедноста на граѓаните.

„Зоран Заев денеска им докажа и на најголемите поддржувачи на СДСМ дека свесно сака да ја наруши стабилноста на државата и да предизвика проблеми од поголеми размери. ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија која нема да му дозволи нему и на неговите соработници да си поигруваат со безбедноста на државата“, обвинија од ВМЕО-ДПМНЕ./крај/мф/сн

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.