Жалиме што челниците на СДСМ, во немање друг изговор за оправдување на нивната неспособност и неуспешна политика, се обидуваат преку инсинуации и неосновани обвинувања да обезбедат барем некаков, макар и минимален политички поен.
Многу е необично што дури потпретседателот од врхушката на Бихаќка, денес се ангажираше во обидот по секоја цена, на сопственикот на еден од вчера опожарените автомобили во Битола да му наметнат важна улога на жртва, а во Општинската организација на СДСМ велат дека се работи за наводен активист кого дури и членовите не го познаваат и се чудат зошто му се обрнува толку големо внимание.
Не е првпат СДСМ, во немање поиздржана идеја, да ги користи личните и приватни човечки несреќи, дури и на своите членови за да собере евтини поени, особено кога чаршијата во Битола веќе на големо се прашува : Дали во случајот се работи за политика или за обични долгови?
ВМРО-ДПМНЕ го осудува секој чин на насилство и вандализам насочени против имотот и безбедноста на било кој граѓанин, вклучително и наводното„намерно палење на возило“ на активист на СДСМ во Битола.
Уште повеќе ги осудуваме ваквите обиди за медиумска злоупотреба и политизација на овој случај, пред неговата институционална завршница.
Во име на вистината, ги повикуваме истражните органи што поскоро да го расветлат случајот и да ги откријат мотивите и сторителите, за да се избегнат натамошни шпекулации и политички злоупотреби.