ВМРО-ДПМНЕ како предводник на коалицијата За подобра Македонија, во недела вечер, до Управниот суд поднесе тужба против решението на Државната изборна комисија со кое се уважи приговор на подносителот, политичка партија Движење БЕСА и се поништија резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на гласачко место бр. 0396/1, во општина Гостивар изборна единица 6.
„Ваквата незаконска одлука на Државната изборна комисија директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата За подобра Македонија и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ. Во рамки на тужбата, правната служба на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија приложи бројни докази и аргументи со кои се потврдува незаконитоста и неоснованоста на одлуката на Државната изборна комисија„, се вели во партиското соопштение.
Партијата ВМРО-ДПМНЕ повикува да не се врши притисок врз Управниот суд од никого и судиите да одлучуваат исклучиво врз основа на закон, а секое поинакво постапување сметаат дека би било фалсификување и крадење на јасно изразната волја на граѓаните со пост изборен инженеринг.