Управен суд ја прифати тужбата на ВМРО-ДПМНЕ за Гостивар, ја отфрли втората тужба на СДСМ

Управниот суд во вторник ја прифати тужбата на ВМРО-ДПМНЕ, за приговорот поднесен од Движењето Беса, за постапката на гласање во гласачкото место број 0396/1, во општина Гостивар, во Изборна единица број 6.

„Согласно чл.147 став 3 алинеа 2 од Изборниот законик, приговорот е неуреден и се поништува одлуката на ДИК“, одлучија уставните судии.

ДИК го прифати приговорот на Беса, дека на еден гласач не му било дозволено да гласа на затоа што веќе во нејзиното име гласал некој друг.

Судски совет на Управниот суд ја отфрли втората тужба на СДСМ која што се однесува на избирачкото место 2010 во Теарце, каде партијата тврди дека гласачко ливче исчезнало од кутијата, па било пронајдено внатре со заокружена „единица”.

Судот одлучил да ја отфрли тужбата како неоснована и да го потврди решението на ДИК.

Претходно Управниот суд ја прифати тужбата на СДСМ на овластениот претставник на листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието, предводено од СДСМ, Стевица Јосифовски.

Според одлуката, гласањето на гласачко место бр. 2011, општина Теарце за изборна единица број 6 се поништува.