Тодоров: Управниот суд да ја коригира одлуката на ДИК

Доцна донесена одлука од Државната изборна комисија, Фатиме Сулејмани не е повикана со одлука на ДИК, а не поднесла ни проговор за скратено лично право на гласање, без основа извршено графолошко вештачење од лице кое не е соодветно и други забелешки од страна на ВМРО-ДПМНЕ се причините поради кои оваа партија поднела тужба до Управниот суд, на одлуката на ДИК дека на гласачко место во Гостивар се утврдени неправилности во гласачкиот процес.

„Изминативе недела дена, целата македонска јавност беше сведок на непрофесионалното однесување на одредени членови на ДИК кои се впуштија во постизборен инженеринг со тоа што прифатија скандалозен и неоснован приговор на политичката партија Беса, за едно избирачко место во Гостивар“, рече Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, видно од доставениот приговор усвоен од страна на ДИК е дека истиот е поднесен без потпис од страна на овластениот претставник на подносителот на приговорот, со што се повредува член 147 став 3 точка 2 од Изборниот законик,а одлуката е донесена спротивно на член 148 став 3 од Изборниот законик, бидејќи истата е донесена по истекот на рокот од 48 часа утврден во овој член.

„Во постапката за разгледување на приговорот од страна на ДИК е изведен како доказ сослушување на сведок, поточно сослушување на лицето Фатиме Сулејмани од Гостивар, за што од страна на ДИК не беше воопшто, ниту дискутирано, ниту пак е донесена одлука за изведување на овој доказ согласно со одредбите од Изборниот законик и Правилникот за начинот и постапката за решавање по приговори. Овој сведок беше донесен внимавајте, од страна на овластениот претставник на коалицијата предводена од СДСМ, иако приговорот е поднесен од овластениот претставник на Политичката партија БЕСА или Движење БЕСА, кој не беше воопшто присутен во салата каде што се одржуваше седницата“, рече Тодоров.

За графолошкото вештачење, Тодоров смета дека ДИК донесе одлука да се изведе како доказ графолошко вештачење на потпис на овој сведок, без притоа да биде издадена наредба за вештачење, и без претходно да се определи начинот на кој ќе биде извршено ова вештачење, а лицето кое што го извршило графолошкото вештачење не спаѓа во ниту една од категориите утврдени со Закон, туку е вработено во АД МЕПСО Скопје.

„Во текот на сослушувањето, сите членови на одборот и претседателот на ОИК, без исклучок, потврдија дека во текот на денот на ова избирачко место во претпладневните часови гласањето се одвивало без никакви нерегуларности што може да се утврди и од записникот за гласање и сумирање и утврдување на резултатите. Од нивниот исказ јасно може да се утврди дека во попладневните часови кога на гласачкото место се јавила гласачката Фатиме Сулејмани, врз основа на проверка со УВ ламба од страна на член на избирачкиот одбор, констатирано било дека ова лице веќе го имало остварено своето избирачко право, бидејќи на палецот на десната рака имала траги од заштитниот спреј со кој задолжително се прска секој гласач“, рече Тодоров.

ВМРО-ДПМНЕ апелира да нема никаков притисок врз Управниот суд кој мора да одлучува исклучиво согласно законите.