Со незаконската одлука за графолошко вештачење не само што ДИК активно се вклучи во фалсификување на волјата на народот, туку испраќа во затвор невини луѓе само за да ги задоволи политичките амбиции на СДСМ, обвини во петок, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.
„Со одлуката да се врши графолошко вештачење, ДИК изрази сомнеж дека членовите на избирачкиот одбор дале лажни изјави дека граѓанката се појавила по втор пат на гласање. Јавноста вчера виде дека присутните членови на избирачкиот одбор и по идентификација, и по лична карта и по проверка со УВ ламба утврдиле дека граѓанката веќе еднаш гласала и има траги од спреј на прстот. Сега ДИК го оспорува нивниот исказ и заради нарушување на изборниот процес ги праќа во затвор Берат Усеини, Катерина Миноска, Емсија Абас, Богица Василеска, Тања Ѓурчиноска, Златко Ѓорѓески и Ајсел Мемеди, кои што се членови на избирачкиот одбор, заменици членови и набљудувачи“, рече Тодоров.
Тој појасни дека Фатиме Сулејмани, не пријавила ниту дека ја изгубила личната карта ниту дека некој и ја украл, а таа лична карта е заведена во избирачкиот список и многу е веројатно согласно исказите на сите членови на избирачкиот одбор јавно кажани вчера дека таа лична карта е искористена за гласање.
„Ова е изборниот инженеринг за кој што предупредувавме како ВМРО-ДПМНЕ. Ова е сценариото на постизборен инженеринг што треба да биде реализиран по нечија наредба“, рече Тодоров.