Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар денеска ја посети Битола како дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“, чија цел е да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта од ЕУ во земјата. Во Битола, Амбасадорот Жбогар се сретна со градоначалничката на општината, Наташа Петровска:
„На мое огромно задоволство денес во Општина Битола, посебно во мојот кабинет дојде високиот претставник на Европската унија, г-дин Жбогар. Велам на мое огромно задоволство, затоа што перспективите и на нашиот град и на Република Македонија, се доколку се отвориме кон светот и доколку навистина влеземе во онаа приказна на глобализација. Секогаш, кога луѓето комуницираат помеѓу себе, кога ги отвораат перспективите и можностите во тие комуникации, всушност можете да овозможите перспектива и на нас, како граѓани и на нас, како општина, како држава и на светот, воопшто.
Поддршката од ЕУ во изминатиот период била несебична. Денешниот разговор кој што го имавме со господинот Жбогар, само покажа дека интересите на ЕУ се во насока навистина да се помогне и на нашата општина, меѓутоа и на нашата држава во нејзиниот развој, во нејзините перспективи и во овозможување, всушност на подобра егзистенција на нашите граѓани. Сигурна сум дека граѓаните тоа го забележуваат и дека светло гледаат на овие патеки“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Градоначалничката Петровска и Амбасадорот Жбогар на денешната средба разговараа и за предизвиците со кои се соочува општината, но и за можностите за помош и поддршка од страна на ЕУ во насока на обезбедување подобри услови за живот на граѓаните во општината.
„Ми претставува задоволство што денес сум во посета на Општина Битола, заедно со градоначалникот имавме една добра дискусија. Денеска ја имав можноста да научам за многу предизвици со кои градоначалничката на Битола се соочува и генерално граѓаните на Општина Битола. Научив многу повеќе во врска со загадувањето на воздухот во Битола, во врска со водата, менаџирање на отпадните води, со проблемите со кои се соочувате во сферата на образованието, со долговите кои што ги имаат различните школи во Битола и многу други работи. Исто така, ние разговаравме за различните проекти кои што се финансирани од страна на ЕУ, којшто се веќе имплементирани на ниво на Општина Битола, некои од нив кои биле изведувани во рамките на програмата за меѓугранична соработка со Република Грција, денес и ќе ги посетам. Но, примарно, ние денес со градоначалничката разговаравме за идни можни проекти за кои ЕУ би можела да помогне во следниот развој на вашата општина. Заедно со градоначалникот идентификувавме неколку проекти во кои ЕУ би можела да се инволвира, на пример големиот проект поврзан со огромната пречистителна станица која што е во фаза на подготвување, а разговаравме и за другите можности кои што се нудат во рамките на НП Пелистер, како можеме ние како ЕУ да помогнеме во развој на алтернативниот туризам и ред други проекти“, изјави Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската унија, кој на градоначалничката Петровска и подари благодарница.
Сертификатот, претставува сведоштво за добрите проекти кои досега се реализирале, но и за другите проекти кои ќе бидат реализирани во идниот период во партнерство и добра соработка помеѓу ЕУ и општината, а со цел да се покаже дека ЕУ е тука да помогне во реализација на приоритетите и напредокот на општината.