Припадниците на специјалната полиција се повлекоа во вторникот вечерта од домот на началникот на полицијата на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, откако претходно попладнето по налог на јавното обвинителство упаднале и извршиле претрес во домот на началникот, по реакција на граѓани тој не е приведен, но е одземена некаква документација.
Стојанче Величковиќ беше назначен за началник на СВР Куманово во првата техничка Влада, па потоа беше разрешен со заминување на исто така кумановецот Оливер Спасовски од должноста, и повторно вратен со враќањето на вториот на чело на Министерството за внатрешни работи.
Според локалните медиуми околу 500 граѓани приврзаници на СДСМ се собрале за да не дозволат апсење на Величковиќ. Според засега неофицијални информации, акцијата на специјалците е најверојатно по обвинение зазлоупотреба и изборен криминал.
Кумановскиот градоначалник, Зоран Дамјановски Циц, кој беше еден од граѓаните кои протестираа пред домот на кумановскиот началник, за порталот Локално.мк изјави дека „кордон од стотина полицајци го окупирале“ домот на Величковиќ, на што спонтано се собрала голема маса луѓе кои направиле голема тензија.
Потоа Величовиќ, по завршување на акцијата, ги повикал насобраните луѓе да се разотидат. Величковиќ, најверојатно по разговор со специјалците и крим-техничари, порачал дека нема да биде приведен.
„Ова е монтиран процес против мене од Јавниот обвинител Марко Зврлевски и од Митко Чавков, и ве молам да се разотидете за да специјалците го напуштат мојот дом. Нема да бидам приведен“, порача Величковиќ, пренесува Новатв.мк.
По претресот на куќата на Величковиќ, одземена е документација и белешки, по акцијата на Јавното обвинителство кое со судски налог со специјалната полиција влезе во куќата на кумановскиот полициски началник. Истрагата ја води Обвинителството за организиран криминал и корупција, под сомнение за вмешаност на Величковиќ во изборен криминал.
Од МВР засега нема официјални информации за случајот.