Насер Селмани и во следните четири години ќе го води Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), одлучено е на редовно изборно собрание на ЗНМ, што се одржа во саботата во Скопје.
На собранието, на кое присуствуваа над 200 членови и гости, беа избрани новите органи на Здружението.
За Претседател на ЗНМ се кандидираа двајца новинари, досегашниот претседател на ЗНМ Насер Селмани од дневниот весник Вест и Семи Мехмети од порталот Алмакос.
Со 154 гласа победи Насер Селмани, додека неговиот противкандидат освои 21 глас.
На изборите за членови наУправниот одбор на ЗНМ, најмногу гласови освои Томислав Кежаровски.
Освен него нови членови ма УО се: Гоце Михајлоски (24 Вести), Зоран Димитровски (Фокус), Бенјамин Арифи ( Алсат М), Иван Бојаџиски (Утрински, Штипски Глас), Ристо Тасев (Утрински, дописник), Мишко Иванов (24 Вести), Зоран Андонов ( Вест, Дневник), Стојанче Наумов (новинар), Фиљана Кока (МРТВ), Миомир Серафиновиќ (Канал 5), Кристина Мачкиќ (Телма), Бесим Илјази (Коха) и Неџат Акифи (МРТ)
Надзорниот одбор во наредните 4 години ќе го сочинуваат следните новинари: Дарко Чекеровски (Телма), Башким Сулејмани (Алсат М), Мира Костиќ (МРТ), Соња Колевска Делевска (Вест), Тони Михаилов (ТВ Стар), Џенис Сулимани (Лајм) и Хусаметин Гина (Балкон 3)
За седум членови на Советот на честа се избрани новинарите: Гордана Дувњак (Утрински весник), Емилија Лазаревска (Телма), Урим Хасипи (Коха), Илија Стефановски (Радио Кочани), Мирјана Трпческа (Канал 5), Фросина Лазаревска (Плоштад) и Каролина Мицевска (Нова Македонија)
На отворањето на Собранието едногласно беше усвоена Декларација за поддршка на колегата Кежаровски со што уште еднаш се даде силна поддршка за негово ослободување како единствена исправна одлука на судските органи.
На Собранието прво беше претставен Извештајот за работата на Здружението на новинари на Македонија за изминатата година и за достигањата на досегашниот состав на раководството на ЗНМ во нивниот четиригодишен мандат.
Презентиран беше и финансискиот извештај за работењето на здружението за минатата година. Двата извештаи беа едногласно усвоени од присутните членови.