Социјалдемократскиот Сојуз закажа седница на Централниот одбор на СДСМ којашто ќе биде одржана во петок во 18 часот, на која ќе се одлучува кога ќе бидат објавени компромитирачките материјали кои наводно ги поседуваат за власта.
На новинарско прашање кога ќе ги објават материјалите, портпаролот на партијата, Петре Шилегов вели: „Социјалдемократскио Сојуз на Македонија е демократска партија којашто ги почитува законите на оваа држава, меѓутоа, пред сé, го почитува сопствениот статут. Согласно одредбите од статутот, посебни одлуки од посебно значење носи Централниот одбор на СДСМ.“
Инаку, тој во среда повтори дека Јавното обвинителство потврдило дека постои кривично дело во коешто е инволвиран лично Никола Груевски.
„Обвинителството забрани натамошно емитување на снимките, тајно направени на тет а тет средба на Груевски со претседателот на СДСМ Заев. Јавното обвинителство може да побара забрана за емитување снимки само доколку се тие направени како дел од посебни истражни мерки“, потсети Шилегов.
Праша, ако претседателот Заев бил следен и прислушуван затоа што имало изречено такви мерки против претседателот на СДСМ, тогаш како се случи снимките да му протечат на обвинителството во јавност? Тоа значи дека или Груевски ги дал снимките сам, или некој му ги извадил на обвинителството од фиока, заклучи Шилегов.
Според СДСМ, другата опција било дека немало изречено посебни истражни мерки против претседателот Заев. Тогаш претседателот на СДСМ бил незаконски сниман во кабинетот на Груевски, а и двете варијанти биле кривично дело.
„Да биде јасно за сите. Забраната за којашто зборува Јавното обвинителство не се однесува на доказите со коишто располага Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коишто ќе бидат објавени пред јавноста во Македонија. Забраната за којашто зборува Јавното обвинителство не се однесува на медиумите и новинарите кои ќе ги објават доказите коишто СДСМ ќе ги презентира“, рече Шилегов.