Политичка а не правна разрешница на случајот „Пуч“ очекува лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кој во петок повторно објави нови прислушувани телефонски разговори, кои покажуваат како е договарано да се апси лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Според Заев, не може да очекува правна разрешница на случајот, затоа што снимките што ги објавува, покажуваат како се наместени судии, и дека власта, всушност в раце ги има институциите, кои секако, би пресудиле во нејзина корист.
„Јас верувам во Уставот и Законите. Тие се добри. Не чинат поединци. Останатиот дел од судиите се чесни, иако некои се под притисок“, вели Заев.
Не би се изненадил и да биде апсен самиот тој, следната среда, како што се зборува според некои најави.
„Груевски и Мијалков и сé е можно“, вели Заев, одговарајќи на новинарско прашање, дали очекува да биде уапсен.
Тој негира ека СДСМ подготвува улично насилство, како интрумент за преземање власт, а фотографиите кои деновиве се проширија низ медиумите тврди дека се од пред неколку години, од членови на СДСМ, кои тренираат.
„Ние сме истиот СДСМ, истите луѓе и не подготвуваме никаква улична револуции. Иако се појават сигнали за тоа, ќе ја спречиме. Ова што ние го правиме, нема да направи никаква етничка поделба. Напротив, ќе нé сплоти“, изјави Заев на прес-конференција.
Инаку, во снимките кои беа објавени во петок, има раговори меѓу уредникот на телевизијата Сител, Драган Павловиќ – Латас и Сашо Мијалков, директорот на Управата за бзбедност и контраразузнавање, ден по изборите во 2011 година, кога беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски.
На презентираните снимки во седиштето на најголемата опозициска партија, низ вулгарен речник, Мијалков му кажува на Латас како бил апсен Бошкоски и што сé е направено тој да биде понижен со прикажувањето на снимките во вестите. Во натамошните разговори, Мијалков му „нарачува“ на Латас подобри снимки и фотографии од апсењето на Бошкоски да пушта во дневникот, затоа што на Канал 5 бил `појак`, а Латас му ветува дека пет дена ќе го раскажува тој случајот на вести.
Снимен разговор има и меѓу Мијалков и сопственикот на Канал 5, Емил Стојменов, кој „очекувал да се случи апсењето, но не веднаш по избори“.
За тоа како власта се справува со најавени протести на опозицијата, има снимен разгвоор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на кабинет, Мартин Протуѓер, по што се запрени автобусите од Прилеп за технички преглед. Истите двајца договараат и како „Канал 5 дознава“ дека парите Бошкоски ги зел „за да го продаде името на Македонија“. Но, договараат и како да му ја растурат партијата, и да ги избркаат од работа од државна администрација сите негови луѓе, како и „комуњарите“.
Во разговорот, пак, меѓу Јанкулоска и Иво Котевски, портпаролот на МВР, според снимките, се договара како да се дадат поненасилни фотографии од апсењето на Бошкоски, а се спомнува и убиството на Мартин Нешкоски на плоштад, вечерта по изборите во 2011 година.
Зоран Заев најави уште снимки во следниот период, кои според него ќе покажат „какви луѓе се на власт и со какви методи се служат“./крај/мф/бб