СДСМ: Институциите мора да се справат со говорот на омраза и со повиците за линч

Институциите на системот мора да се справат со говорот на омраза и со повиците за линч кон сѐ што е демократско во Македонија, посочуваат од СДСМ.

„Синоќа бевме сведоци на фашистички изјави пред ДИК кои покажуваат дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ посакува сценарио за судир меѓу граѓаните, за Груевски да си ја спаси сопствената кожа. Тоа нема да им помине. Граѓаните на Македонија не се ничие топовско месо. Нема да подлегнат на провокациите“, се вели во соопштението од СДСМ.

Тие уште ги повикуваат граѓаните да останат спокојни и да не подлегнуваат на провокации.

„Му порачуваме на поразениот Никола Груевски веднаш да престане да ја носи Македонија кон граѓански судир. Нема да дозволиме мирот и безбедноста на земјата да бидат ставени во заложништво на Груевски и неговата фамилија затоа што се уплашени од одговорност за злосторствата што ги имаат направено“, се вели во соопштението.

Од СДСМ додаваат дека процесот на пребројување и прегласување е важен дел од едни демократски избори поради што ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да врши притисок врз ДИК, а таа институција да остане доследна на законските процедури.