Рочишта за случаите „Поткуп“, каде обвинет е Заев и за „Сопот“

Во Кривичниот суд во Скопје, во вторник треба да се одржат две рочишта за случаите „Поткуп” и „Сопот”.

Во случајот „Поткуп” обвинет е Зоран Заев, претседателот на СДСМ, кој се товари дека барал пари од свој сограѓанин за градежно земјиште.

Случајот „Сопот” сега е предмет на Специјалното јавно обвинителство.

Последното рочиште за „Поткуп“, на 22 ноември, беше одложено поради презафатеност на Заев во изборната кампања. Во овој случај Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов сакал да го приватизира.

Инаку, судскиот предмет „Сопот“ е од 2003-та година во кој 11 селани од кумановското село Сопот беа осудени за тероризам, односно за поставување на мина на пат. Во експлозијата која настана откако на мината нагази НАТО џип со полски војници и македонски државјани, загинаа двајца полски војници и еден цивил. Судењето, откако го презеде СЈО, е вратено на почеток.