Со цел зголемување на образовните можности за децата со пречки во видот, преку писменост и пристап до образование, како и рано откривање на евентуални очни болести, УСАИД и ЛЦИФ во соработка со Универзитетот на Југоисточна Европа, од октомври 2014 година започнаа со имплементација на проект за децата со пречки во видот. Во рамките на овој проект кој има образовна, медицинска и социјална компонента, денес беше отворен ресурсниот центар во ОУ Свети Климент Охридски:
„За нашето училиште ова е од големо значење, пред се затоа што и претходниот ресурсен центар го посетуваа наши ученици, а сега ќе биде од голем бенефит за учениците, наместо да одат во друго училиште, да бидат тука постојано и да го користат континуирано согласно потребите на учениците. Во ресурсниот центар ќе работат двајца специјални обучувачи: дефектологот кој што е веќе вработен во нашето училиште и ќе му помага дефектолог од Заводот „Кочо Рацин“, изјави Гордана Анастасовска, директорка на ОУ Свети Климент Охридски – Битола.
На денешниот настан свое обраќање имаа и Едвард Гонзалес, директор за генерален развој во УСАИД Македонија, како и раководителот на проектот од Универзитетот на Југоисточна Европа, Шпетим Љатифи, кои во својот говор ставија акцент на условите кои се создаваат за овие деца, преку процесот на реализација на активностите кои произлегуваат од секоја компонента, поединечно. Секако, неопходен дел во создавањето на услови за напредок на децата со пречки во видот е соработката со локалната самоуправа.
„Ова е ден кога јас сум пресреќна и возбудена. Овој проект значи многу, затоа што станува збор за наши дечиња коишто имаат можност и покрај тоа што имаат пречки со видот, сепак да ги следат наставните содржини и да се едуцираат и на некој начин, да им го надополниме она што го немаат – ја немаат светлината, меѓутоа ние на овој начин им овозможуваме таа да допре до нив и да им се отвори светот и на тие дечиња. Голема благодарност до УСАИД, до Лајнс клубот, до Универзитетот на Југоисточна Европа, на оваа нивна благородна поддршка, идеја и енергија која што насушно ни е потребна и која што покажува дека нивните намери се во иднина да помагаат во овие насоки, а нам како општина и мене како градоначалник, дефинитивно ни е должност, да овозможуваме сите вакви добри идеи да немаат никакви административни пречки, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Проектот за децата со пречки во видот, овозможува комплетна функционалност на ресурсните центри во државата, обезбедување на учебници, аудио книги, квиз на знаење, инклузивни спортски активности, како и вон-училишни активности за децата со пречки во видот.