Министерството за информатичко општество и администрација во петок распиша оглас за компаниите од ИТ секторот кои сакаат да учествуваат во проектот за доделување таблети за студентите.
„Компаниите кои ги исполнуваат условите можат да аплицираат во министерството и да започнат со привлекување на студентите за искористување на нивниот ваучер“, информираше министерот Иво Ивановски.
Условите за учество во овој оглас е компаните да постојат на пазарот подолго од две години и да имаат најмалку тројца вработени.
„Анализата која што ние ја имавме направено како Влада за тоа кои се цените и кои се таблетите кои се најбарани минатата година, покажува дека сумата од 8.000 денари е далеку подобра од она што беше најбаран таблет во цела 2014 година. Од А-класа на таблети во Р.Македонија во 2014 година беа увезени 15.000 таблети, а само со оваа програма која што ја има Владата на Р. Македонија можеме да им понудиме 12.000 ваучери на студентите. Тоа значи три четвртини од пазарот кој го имаше приватниот сектор цела мината година ние ќе го спроведеме тоа во два до три месеца“, истакна Ивановски.
За реализација на овој проект Владата од Буџетот издвои 96 милиони денари.