ПРОМОВИРАНО ДВД ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ НАМЕНЕТО ЗА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

Во рамки на заложбите за поттикнување развој на медиумска писменост, Агенцијата, денес го промовираше првиот проект на неколку членки на Мрежата за медиумска писменост – ДВД наменето за основните училишта во Република Македонија. Проектот го финансираше Агенцијата, а го поддржаа Бирото за развој на образованието, и Министерството за образование кое во наредниот период ќе ја изврши дистрибуцијата на ДВД-то, до сите основни училишта во Република Македонија.

На ДВД-то се наоѓаат материјали, видео спотови, Конвенција за правата на децата и леток од Народниот правобранител со кои се објаснуваат правата на децата, и начинот како тие да се остварат. Материјалите ќе ги користат наставниците при обработувањето на теми поврзани со медиумите, и нивната намена е да ги подучат учениците како да ги восприемаат информациите, како да го одредат нивното потекло и да изградат критички пристап кон медиумските содржини.

„Важноста на овој проект е двојна, од една страна, наставниците добиваат конкретни пишани и видео материјали од кои ќе можат да се инспирираат и кои ќе можат да ги користат како нагледни средства со што медиумската писменост посуштински влегува во основните училишта, а од друга страна, соработката во Мрежата и надвор од неа полека но сигурно функционира“ – истакна директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски за време на промоцијата.

На настанот се обратија и претставници на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, Конеду глобал, Евротинк – Центар за европски стратегии и Народниот правобранител, кои говореа за содржината на материјалите со кои дадоа придонес кон проектот и воедно изразија задоволство од досегашната меѓусебна соработка. Материјали за ДВД-то обезбедија и Агенцијата, Македонскиот институт за медиуми, Метаморфозис, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија, и Хелсиншки комитет за човекови права.