Градоначалникот на општина Новаци Љубе Кузманоски денеска се обрати на отворањето на обуката на тема „Алатки за локална демократија“ организирана во рамките на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“ финанасиран од Европската унија, а како имплементатор на истата се јавува АЛДА и Здружението на финансиски работници.
Проектот има цел да го зајакне влијанието на организациите од граѓанското општество во јавните политики на локално ниво, во развојот на јавните културни политики и донесувањето одлуки на локално ниво, како и создавање средина која ги охрабрува активностите на граѓанските организации за имплементација на локалните културни политики.
Темата локална демократија, соработката помеѓу граѓанскиот сектор и локалните самоуправи, како и креирање на општини по мерка на граѓаните, е доста актуелна и експлатирана тема во изминатиот период.
Ваквите обуки се доста корисни затоа што нивната главна цел е враќање на демократијата и демократското владеење, слободата на изразување, младинската ангажираност за општествени промени, унапредување на човековите права во здравството, мониторинг и документирање на човековите права, борба против корупција, буџетска транспарентност.
„Општина Новаци се залага за транспарентност во своето работење. За таа цел внимаваме на буџетирањето и креирањето на транспарентен процес за граѓанските организации кои бараат да се финансираат од буџетот на локалната самоуправа. Исто така во неколку наврати организиравме Форуми во заедницата – буџетски форуми. Форумот во заедницата претставува алатка за успешно вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки на општинско ниво. Резултат на буџетскиот форум е усвоен општински буџет за следната година во консултација со жителите на општината . Ваквите форуми се одлична можност општината да го изготви буџетот согласно потребите на граѓаните, а тие пак да увидат дека планирањето на ограничените средства не е воопшто лесно и дека општината не може секогаш и покрај оправданоста на барањата на граѓаните истите да ги исполни. “ вели градоначалникот на општина Новаци, Љубе Кузманоски.