Премиерот Заев на средба со мисијата ОБСЕ/ОДИХР: Владата ќе спроведе фер и демократски избори

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со амбасадорката г-ѓа Одри Гловер, шеф на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Република Македонија.

На средбата, премиерот Заев истакна дека сите институции инволвирани во изборниот процес, вклучително и политичките партии, треба да придонесат во спроведувањето на фер и демократски избори.

– Поучени од лошо организираните избори од минатото, не смееме да дозволиме поради изборни нерегуларности да ги доведеме во прашање нашите евроатлантски аспирации на кои работевме многу во изминативе неколку месеци за да ги направиме реални нашите шанси – истакна премиерот Заев.

Посочувајќи дека спроведувањето на изборниот процес е еден од клучните критериуми за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, премиерот Заев ги истакна цврстите заложби на владата за строги санкции за секој поединец или организација кои ќе се осмелат да се впуштат во прекршување на регуларноста на изборниот процес, како во предизборието, така и на денот на изборите.

Шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ го запозна премиерот со нивните претстојни активности поврзани со изборниот процес, за бројот на краткорочни и долгорочни набљудувачи на мисијата, кои веќе се на терен и го мониторираат отпочнатиот предизборен процес, и уште го информираше премиерот дека пред денот на изборите мисијата ќе го засили мониторирањето на процесот со дополнителни 200 краткорочни набљудувачи.

– Двете страни, позицијата и опозицијата, имаме сериозна обврска, пред јавноста, пред граѓаните, пред дипломатската јавност исто така, да покажеме дека навистина ништо нема да биде важно ако ја прокоцкаме шансата за организирање на фер, кредибилни и демократски избори – истакна премиерот Заев во текот на посетата.

Тој, во оваа прилика, ја замоли шефицата на Мисијата, навремено да го информира за сите обиди за нарушување на регуларноста на избирачкиотпроцес, за да не се дозволи никаков пропуст кој ќе предизвика оспорување на легитимноста на изборите.

– Би сакал да сугерирам, да се посвети повеќе внимание на забелешките на опозицијата, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на сите опозициски партии. На овие избори Македонци ќе гласаат за Албанци, и Албанци ќе гласаат за Македонци, тоа е една солидна гаранција за заедничка иднина, која цврсто верувам дека ќе ферментира во една позитивна пракса во иднина – рече премиерот во разговорот со  г-ѓа Гловер.

Од мисијата ОБСЕ/ОДИХР информираа дека веќе остваруваат голем број на средби со граѓани и организации, повторувајки дека тие се тука за будно да ги следат изборите, а веќе следната недела ќе го презентираат првиот извештај од почетокот на кампањата во кој ќе ги објават нивните забелешки од дотогашниот тек на кампањата.