Претседателите на владите на Република Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска го потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, како дел од посетата на високата државна делегација на Република Бугарија.
На свечениот настан, организиран со највисоки државички и воени почести, како дел од програмата на посетата на високата државна делегација на Република Бугарија, предводена од премиерот Бојко Борисов на Република Македонија, присуствуваа многубројни членови на високите делегации на двете земји и голем број претставници на медиумите од земјата, од соседна Бугарија, како и од регионот.
Во обраќањето по свечениот чин на потпишување на договорот, премиерот Заев истакна дека Република Македонија и Република Бугарија направија историски чекор напред, и дека го поставија минатото како темел на иднината и со тоа отворија пат за стабилност и развој за двете држави и за балканскиот регион, како и за евроатлантските перспективи на Република Македонија.
Премиерот Бојко Борисов упати на конкретните и практични резултати што ќе произлезат од овој договор, а кои се во согласност со препораките на Берлинскиот процес за Западен Балкан, афирмирани и потврдени на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Трст, кога Претседателот на Франција, Емануел Макрон и Канцеларката на Германија, Ангела Меркел, го поздравија договорот меѓу Република Бугарија и Република Македонија.
Во рамки на посетата се одржа и билатерелна средба на ниво на делегации предводени од претседателите на владите на Република Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.
Двете страни изразија огромно задоволство за продлабочувањето и унапредувањето на пријателските и билатерални односи преку потпишување на Договор за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу двете земји што ќе придонесе кон поинтензивна соработка во областа на економијата, инфраструктурното и енергетско поврзување, културата, спортот, меѓународната поддршка на двете земји…
Премиерот Заев укажа дека потпишувањето на договорот претставува историски момент од исклучителна важност за граѓаните на двете земји, а особена чест за Република Македонија и нејзините граѓани претставува фактот што како прва официјална посета од формирањето на новата влада е токму посетата на државната делегација која доаѓа од пријателска Бугарија.
Беше заеднички констатирано дека потпишувањето на овој договор е успех на сите граѓани на двете земји и на сите претходни влади кои биле вклучени во процесот на преговорите.
„Се гордееме со пораката што ја испраќаме до земјите од регинот и Европа за овој храбар чекор што го прават нашите две земји. Покажавме взаемен капацитет да ги решиме проблемите и отворените прашања на мирен и транспарентен начин без посредство и медијаторство што претставува огромен успех за иднината и доброто на граѓаните од двете земји. Убеден сум дека граѓаните на Република Македонија и Република Бугарија ќе го почитуваат тоа што го постигнавме,“ истакна премиерот Заев.
Како израз на конкретен резултат од новиот дух на соработка меѓу двете земји, премиерот Заев ја сподел информацијата дека Министерството за надворешни работи на Република Бугарија како помош во справувањето со пожарите кои се одвиваат на територија на Република Македонија испраќа хеликоптер, возила и друга опрема за гасење и локализација на пожарите за кои се очекува набргу да им се приклучат на нашите екипи.
Премиерот Заев, пред државниот врв на Република Бугарија и премиерот Борисов, ги потврди цврстите определби на Владата на Република Македонија за полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО и истакна дека спроведувањето на реформските процеси од „План 3-6-9“ и потпишувањето на Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија се првите клучни чекори што земјата ги прави кон сериозна деблокада на евроатлантските интеграции.
Премиерот на Република Бугарија, Борисов ја поздрави храброста што ја покажаа двете страни во овој историски процес на зближување на двете земји и истакна дека ова е голема шанса да се остават поделбите во минатото и двете земји да се посветат на градење на перспективите за добра иднина.
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи го поздрави овој ден како историски и значаен за напредокот на Република Македонија во евроатлантските интеграции со поддршката што ќе ја добива на тој пат од пријателска Бугарија и истакна дека двете земји со потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка воспоставуваат модел за добрососедско решавање на отворените прашања.
Денеска беа поптишани и првите меморандуми за соработка, како први конкретни мерки на одредбите опфатени со договорот.
Министерот за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Република Бугарија, Ивајло Московски, и Министерот за транспорт и врски на Ре публика Македонија, Горан Сугарески, го поптишаа Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за транспорт, и информатичка технологија и комуникации на Бугарија и Министерството за транспорт и врски на Македонија, за развојот на железничката инфраструктура и поврзаност помеѓу земјите.
Министерката за енергетика на Република Бугарија, Теменужка Петкова и Министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши, ставија поптис на Меморандумот за соработка во областа на природен гас помеѓу двете земји.
Програмата на посетата на владината делегација на Република Бугарија продолжи со работни билатерални средби на одделни министри на двете делегации. Остварени се средби на министерот за транспорт, ИКТ и комуникации на Р. Бугарија, Ивајло Московски, и министерот за транспорт и врски на Р.Македонија, Горан Сугарески, потоа средба на министерката за енергетика на Р. Бугарија, Теменужка Петкова, и министерот за економија на Р. Македонија, Крешник Бектеши, средба на министерот за одбрана на Р. Бугарија, Красимир Каракачанов, и министерката за одбрана на Р. Македонија, Радмила Шекеринска, како и средбата на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, со заменик премиер за правни реформи и министер за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева.
Во попладевните часови домаќини на високата државна делегација на Република Бугарија беа Претседателот на Собранието на Република Македонија Тала Џафери и Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
Програмата на официјалната посета на Престедателот на Владата на Република Бугарија на Република Македонија продолжува и утре (среда, 2 август) со заедничко чествување по повод националниот празник Илинден – Ден на републиката, во црквата Свети Спас во Скопје.
По тој повод, во 8 часот наутро, премиерот Зоран Заев ќе има свое обраќање по повод празникот на плоштадот пред црквата Свети Спас.
Потоа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
Венци свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев ќе положат и останатите членови на делегацијата, по што гостите од Република Бугарија ќе се упатат кон аеродромот „Александар Велики“.