МОСТ со повеќе од 2.500 набљудувачи ќе ги следи изборите

Граѓанската асоцијација МОСТ со повеќе од 2.500 набљудувачи ќе ги следи утрешните локални избори.

„Статичните набљудувачи ќе покријат околу 50 отсто од гласачките места и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање од отворање на гласачките места, преку текот на гласањето, затворање на гласачките места, па се до пребројување на гласовите“, рече извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека МОСТ ќе има и 120 мобилни тимови од по двајца набљудувачи кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние гласачки места во кои МОСТ нема сатични набљудувачи.

Покрај гласањето на 15 октомври, МОСТ ќе го набљудува и денешното предвремено гласање на болните и немоќните лица, внатрешно раселените и лицата во затвор и притвор.

Граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес ќе може тоа да го направат на бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk, рече Алексов.

Тој апелираше за одржување фер, демократски и мирен изборен процес.

МОСТ ќе ги соопшти сите информации од денот на гласањето на четири прес-конференции што ќе се одржат утре во 9:30, 13:30, 17:30 и 20:30 часот.