По Ахмети и Тачи му рече ‘не’ на Рама

Покрај лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на ДПА Мендух Тачи му рече ‘не’ на албанскиот премиер Еди Рама, кој ги покани лидерите на албанските партии во Македонија на средба во Тирана, по неделните парламентарни избори.

Тиранскиот весник „Мапо“ информира дека и покрај најавите, лидерот на ДПА Мендух Тачи не прифатил средба со претседателот на албанската влада Еди Рама.

Весникот оценува дека засега нема објаснувања зошто и Тачи не прифатил средба со Рама онака како што тоа го стори Ахмети и притоа се додава дека ниту од Кабинетот на Рама не се дадени информации за недоаѓањето во Тирана на Ахмети и Тачи.

Со Рама имаа средби лидерите на Беса Билал Касами и на Алијансата за Албанците Зијадин Села, кои за медиумите во Тирана изјавија дека средбите биле од особен интерес.

Инаку добар дел од албанските аналитичари коментирајќи ги состојбите во Македонија оценуваат дека Албанците погрешиле што гласале за СДСМ, бидејќи според нив им наштетиле на албанските политички партии.