Пелагонија поплавена, драматично во Могила

Обилните врнежи коишто го зафатија Пелагонискиот регион ноќта кон неделата, како и презаситеноста со вода на почвата предизвикаа поплавување на најмалку 2.500 хектари во регионот, а локалното население вели дека најдраматично е во општина Могила. 

 

Надлежните служби од ноќта се на теренот и се справуваат со ситуацијата, но велат дека со оглед на тоа што врнежите продолжуваат никој не може точно да го предвиди текот на настаните.

Последните дождови критично го зголемија нивото на водотеците во регионот на Пелагониско поле. Поради ова поголеми површини останаа под вода. Ситуацијата веднаш ги алармираше надлежните власти коишто со механизација излегоа на терен за да спречат поголеми последици врз населените места. Подготвоките беа во тек уште пред да отпочнат врнежите со оглед на тоа што невремето се најавуваше и претходно.
Сепак, обилните врнежи и презаситеноста на почвата предизвикаа поплавување на најмалку 2.500 хектари површини низ Пелагонија. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека најдраматична е ситуацијата е во општина Могила.

„По последните врнежи од дожд и снег кои траеја во текот на целата ноќ саботата и продолжија и потоа во неделата, состојбата со поплавите во Пелагониско поле е алармантна. Посебно е погодена општина Могила односно селата Ношпал и Вашарејца. Бидејќи локалната самоуправа од Могила ги исцрпе сите свои можности, побара помош од Дирекцијата за заштита и спасување која излезе во пресрет и даде на располагање два багера кои учествуваат во справувањето со поплавите односно во расчистување на каналите, правење на насипи и се друго што им е потребно на мештаните. Дирекцијата за заштита и спасување стои на располагање и за други потреби доколку се јават потреби и кај другите две општини во нашиот делокруг на работење тоа се Битола и општина Новаци. Ние стоиме на располагање со цела расположлива механизација како од градот така можеме да ангажираме и други средства и сили од републиката“, рече Димче Јошевски, раководител на Дирекцијата за заштита и спасување во Битола.

Стево Пивковски, градоначалникот на Могила, на теренот изјави дека проблеми има и во населените места, но и во патната комуникација. Вели дека ваков обем на поплави во Могила не се памети со децении.

„И јас самиот не паметам некогаш во Могила да било вака. Вакви поплави никогаш немало. Обилните врнежи и она што беше најавувано за невремето во општина Могила предизвика површините да бидат целосно презаситени со вода. Ние цело време работиме на сите критични точки“, рече Пивковски.

Појасни дека критична точка е селото Ношпал. „Се работи за селото Ношпал кое е поплавено. Куќите се до половина метар со вода. Имаме и преместување. Тоа е рурална средина каде што има и фарми. Стоката се преместува од едно на друго место. Излеана е Подмолска река, прекинат е деветтиот канал и тоа ни прави голем проблем. За жал, имаме проблем и со патиштата. Не е прооден патот од Тополчани до Ношпал. Водата се прелева преку асфалтниот пат. Во самото централно подрачје во Ношпал прекинат е патот, нема прооднос, и затоа движењето се изведува од Ношпал до Добрушево“, додаде Пивковски.

Расте и нивото на реката Црна заканувајќи се на места да предизвика излевања.

„Моментално излевање на река Црна нема, но има излевање на деветтиот канал и на некои други мали канали, така што водата излегува од контрола и влегува и во близина на селата, посебно во селата Ношпал и Вашарејца. Ние работиме на справување со тие проблеми со цел да не дојдеме во состојба да правиме евакуација на луѓето и на стоката“, рече Јошевски.

Целата оваа ситуација предизвикува проблеми и во општина Новаци.

„Ситуацијата со Црна е алармантна, бидејќи нивото е зголемено на 4,3 метри и постои опасност од излевање. Веќе кај десеттиот канал е пробиен насипот. Тоа се случуваше и порано. Сега преземаме мерки да ги спасиме населените места Гнеотино, Агларци, Добромири и Долгобевци каде што ја имаме ангажирано целокупната механизација, како од општината, така и од кризниот штаб со помош и од комбинатот ’Битолско поле’. Ја ангажиравме механизацијата за да ги спасиме овие места од навлегувањето на водата во објектите. Инаку има голема површина која е поплавена. Ако продолжи вака ќе биде многу алармантно“, изјави градоначалнкот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Имајќи предвид дека продолжуваат интензивните врнежи, се зголемува и површината која е поплавена.

„Нашата прва проценка беше дека се поплавени околу 100 хектари, но сега таа површина е зголемена и се работи за околу 1000 хектари кои се поплавени. Тука не можеме да преземеме некои мерки. Сега преземаме мерки околу заштита на објекти“, дополни Котевски.

Активно на справување на состојбите работи и Регионалниот центар за управување со кризи, но и од таму велат дека станува збор за алармантна состојба и со оглед на тоа што врнежите продолжуваат, никој не може точно да го предвиди текот на настаните.

„Проблемите почнаа некаде по полноќ во саботата. Кај 12 часот беше пробиен деветтиот канал кој доаѓа од Прилеп и по целото негово течение создава проблеми. Главниот проблем во општина Могила го предизвикува тој канал. Меѓутоа, алармантна е ситуацијата со река Црна, бидејќи за период од два до три часа се подигнува за 10 сантиметри. Сегашните темератури и врнежите на дожд, според нашето видување, ќе придонесат за уште поголемо зголемување на нивото, така што можно е да дојде до прелевање на река Црна на одредени места каде што е понизок насипот. Ги лоциравме критичните точки, но се работи за елементарна непогода и тешко може да се предвиви што ќе се случува“, рече Душко Кисовски, раководител на Регионалниот центар за управување со кризи Битола.

Во Пелагонија во моментов според првичните процени најмалку 2.000 до 2500 хектари се под вода. Целосно не функционира системот за одводнување, бидејќи нивото на река Црна е застрашувачки високо./крај/мф/аш

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.