Одбиен првиот приговор на БЕСА

Со седум гласа „за“ и два „против“ Државната изборна комисија го одби првиот приговор на БЕСА кој се однесуваше за избирачкото место 2333/1 во Арачиново, а со ист број гласови го одби и приговорот за избирачките места 1119/1 и 1120/2 во општина Липково.

Претставникот на БЕСА тврдеше пред ДИК дека на гласачкото место во Арачиново имало неколку нерегуларности, како присуство на неовластени претставници на гласачките места, кои ги придружувале дел од гласачите кои немале потреба за помош зад параванот. За тоа тврдење рече дека имаат изјава заверена на нотар, од овластен набљудувач кој според него ги потврдил сите нерегуларности, а приговараа и дека избирачкиот одбор не ги сечел со ножици гласачките ливчиња.

Членот на ДИК, Реџеп Прекопуца, рече дека приговорот е неоснован зашто нема ниту еден доказ, во обраазецот 16 нема никаков доказ, ниту во образец 21, а БЕСА имала можност тоа да го направи.

„Баравме да се вметнат забелешките во образецот 16, но не ги внесоа. Нашите набљудувачи го консултираа и кол-ценаторт на ДИК за време на гласањето, и затоа сметаме дека сте запознаени за ситуацијата во овие избирачки места“, рече претставникот на БЕСА пред ДИК.

Во натамошната расправа и членот на ДИК, Бедредин Ибраими, рече дека БЕСА е нова партија, треба да се научи на демократија, но и на процедурите за утврдување неправилности во изборниот процес, при што рече дека за приговорите за неправилности оваа пратија не дава никакви докази.

До ДИК се поднесени 16 приговори, осум од БЕСА, а осум од Коалицијата предводена од СДСМ.

ДИК е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.