Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција изјави дека како што ветиле, така и направиле и со тоа што ја вратиле евтината тарифа на струјата и практично им помогнале да заштедат на најсиромашните категории граѓани.
„Оваа мерка чини 8 милиони евра, пари што им ги враќаме назад на сите граѓани. Мерката најмногу ќе им користи на сиромашните граѓани, што значи дека тие најмногу ќе заштедат. Оваа мерка нема да влијае на цената на струјата“, рече Заев.
Заев пред новинарите објасни дека денската евтина тарифа, секој работен ден, вклучително и сабота, ќе трае од 14 до 16 часот, а во недела преку целиот ден. Исто така, и секој работен ден од 22 до 7 часот наутро.
Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, заштедите во енергетските компании МЕПСО и ЕЛЕМ, односно нивното домаќинско работење, ќе им бидат пренесени на граѓаните, особено на посиромашните. Анѓушев истакна дека ЕВН нема да добие субвенции поради воведувањето на новата мерка на Владата. „Точно е дека енергетските компании ќе имаат намален приход, но тоа ќе биде земено предвид“, рече Анѓушев. Во донесувањето на одлуката, според владините министри, биле консултирани сите релевантни фактори.