Владата на вчерашната седница донесе одлука за измени на Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделство и на Програмата за рурален развој. Со овие измени, владата директно им излегува во пресрет на земјоделските производители со реализација на низа нови мерки од програмата на владата, уште во првите 100 дена.
Станува збор за пакет за директна поддршка во износ од 10 милиони евра, пари кои ќе стигнат во рацете на овоштарите, лозарите, сточарите и поледелците, а тоа ќе значи и поддршка на домашното производство на храна.
Со измените на програмата за директни плаќања, им излегуваме во пресрет на барањата на земјоделските здруженија за зголемување на субвенциите за производителите на пченица кои годинава имаа ниски приноси поради лошите временски услови.Токму затоа земјоделците ќе добијат дополнителни 6000 денари од хектар пченица, што се вкупно 2 милиони евра повеќе од субвенциите кои ги добиваат сега. За јачменот се предвидени дополнителни 1 денар за килограм јачмен предаден кај регистрирани откупувачи. Со оваа мерка ќе се надоместат штетите и ниските приноси од годинашната жетва.
Ќе реагираме и кај лозовите и овошните насади каде што исто така годинава родот е преполовен. За таа цел 25 илјади лозари и 15 илјади овоштари ќе имаат зголемена субвенција од 10% по хектар со цел да се надомести дел од штетата, главно поради измрзнувањето на насадите. За градинарите исто така одвоивме дополнителни 10% од висината на сегашните субвенции по хектар, а за сточарите поддршката е преку зголемените субвенции за 10% по хектар фуражни култури. Или, тоа се уште 2 милиони евра предвидени за реализација на овие мерки.
Особено е важна и обрнувам внимание на мерката за која постои огромен интерес од страна на земјоделските производители.Тоа е мерката за финансиска поддршка од 10.000 евра неповратни средства за млад земјоделец. Распишуваме оглас за пријавување на Млади земјоделци, а новите критериуми за аплицирање ќе помогнат средствата да завршат кај вистински земјоделци.