Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, доцна вечерта во понеделникот, речиси истовремено кога Државната изборна комисија (ДИК) во Скопје ги објави прелиминарните конечни резултатити од предвремените паралемнтарни избори во неделата, излегоа со позитивна оценка на мирните парламентарни избори во Република Македонија.
Двајцата високи европски претставници во соопштението, исто така, бараат победниците на изборите брзо да формираат влада, а оние коишто загубиле да биде „активна опозиција“, јави дописникот на МИА од Брисел.
„Неделните предвремени парламентарни избори во БЈР Македонија минаа на мирен и уреден начин, со добар одѕив на гласачите. Тие беа следени од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите, кој објави своја прелиминарна изјава попладнево. Овие вонредни парламентарни избори беа клучен елемент на договорот од Пржино од 2015 година. Тие и нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски, конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евро-атланските интеграции“, порачуваат во писмената изјава Могерини и Хан во нивната реакција преку соопштение.
Високата претставничка на ЕУ и еврокомесарот, исто така, бараат политичките партии во Македонија „да дејствуваат на еден инклузивен начин, што вклучува активна парламентарна опозиција и динамично граѓанско општество“.
„Со нетрпение очекуваме брзо формирање на новиот парламент и на новата влада и спроведување реформи за решавање на системското владеење на правото, а исто така и на итните реформски приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со спроведување на претходните политички договори во целост, вклучувајќи поддршка на работата на канцеларијата на специјалното обвинителство“, додаваат Могерини и Хан.
На крајот во нивното соопштение за македонските избори, европската лидерска двојка за Балканот порача и дека „Европската унија ќе продолжи да ја поддржува земјата во процесот на реформи и на нејзиниот пат кон европската интеграција“.