МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИ НАЈАВИ РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПОВЕЌЕ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВО БИТОЛА

Директна поддршка од централната власт за подобрувањето на комуналната, патната и железничката инфраструктура во општината Битола и Пелагонискиот регион, најави Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната средба со градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Општината во рамките на својата надлежност за одредени проекти е веќе подготвена со проектна документација, а дел од проектите се во завршна фаза на изработка. Ваквиот начин на функционирање ќе овозможи решавање на повеќе инфраструктурни проблеми: „Добар дел на средства кои што ги има преку Министерството за транспорт и врски од Европска инвестициона банка, кои што и следуваат на општината Битола, општината треба да ги искористи, затоа што таа кредитна линија завршува на крајот на наредната година.

Рокот за апликација е до месец март и веќе дел од проектите градоначалничката ги има доставено до Министерството за транспорт и врски, следната недела очекуваме да бидат доставени и други проекти, така што до крајот на јануари или до почетокот на февруари се достават сите средства во рамката од  1 300 000 евра кои што согласно кредитната линија и следуваат на општина Битола, да може максимално од тие средства бенефит да добијат граѓаните на општината. Исто така, разговаравме во делот на патната инфраструктура на поврзувањето на Битола со другите општини.

Вие знаете дека согласно програмата на јавното претпријатие за државни патишта, предвидена е изградбата на експресен пат Прилеп – Битола до граничниот премин Меџитлија, исто така со 26 реконструкции кои се предвидени за идната година, опфатена е реконструкција на патот од Битола до Меџитлија, предвидени се патни правци кои ја поврзуваат Битола со Демир Хисар, така што во овие планови кои што ги има јавното претпријатие за државни патишта заедно со министерството за транспорт и врски и Владата на РМ, сериозно очекуваме да се направи поголем градежен бум, од март месец идната година, односно со почнувањето на градежната сезона“, изјави Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески после денешната средба со градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Градоначалничката Петровска, потврди дека со помош од Владата на Република Македонија ќе бидат решени и инфраструктурните проблеми во четири битолски села: „Имавме средба со која сериозно се потврдува дека централната власт има сериозни намери во поддршка на нашата општина. Зборувавме за уредување од областа на инфраструктурата, уредување на водовод и канализација која што ги засега селата Габалавци, Секирани, Породин и особено Лавци, каде што знаеме дека имаме инфраструктурни зафати за кои што, како општина должни сме да ги реализираме, затоа што таму имаме објекти за кои граѓаните очекуваат ова да се реши. Затоа, можам да кажам дека оваа средба е радост не само за мене како градоначалник, туку и за нашите граѓани кои што живеат во овие места и покажува дека во иднина треба да гледаме со перспектива и задоволство на поддршката од централната власт и на решавањето на ваквите проблеми, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

На овој начин, со реализацијата на повеќе проекти и искористувањето на повеќе кредитни линии за кои постои можност, се дејствува во насока на реализација на Владината програма, како и програмите на градоначалниците, што е во насока на зголемување на процентот на реализирани инфраструктурни проекти, беше нагласено на денешната средба на Министерот Сугарески и градоначалничката Петровска.