Македонија на четврто место во регионот според Индексот на клиентелизам во медиумите

Македонија се најде на четвртото место на скалилото за присуство на клиентелизам во медиумите во регионот, покажуваат резултатите од второто емпириско мерење на Индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија, спроведено и во Романија, во Босна и Херцеговина, во Хрватска, во Србија и во Црна Гора.

Индексот покажува дека регионот го предводи Хрватска, а на дното е Босна и Херцеговина.

Во споредба со минатата година, Индексот бележи значаен пад во сите набљудувани земји, како и промена на рангирањето на земјите. Пред сè, земјите бележат пад во достапност и квалитет на податоците. Клиентелизмот и политизацијата на медиумите во набљудуваните општества, повеќе е правило отколку исклучок, па во сите земји станува збор за заробени медиуми, односно за медиумска сцена која во значаен дел е контролирана од страна на различни политички еономски и финансиски интереси, покажува истражувањето кое е дел од проектот „Одговор на граѓаните на клиентелизмот во медиумите – Медиумски круг“, а го спроведува „Паблик“.

„Според податоците кои ги добивме од ова мерење, сите набљудувани земји се наоѓаат во негативниот дел од скалата. Тоа значи дека ризикот од клиентелизам во медиумите, во сите земји е присутен, значителен и со голема веројатност сериозно влијае на функционирањето на медиумите. Кај нас, општеството и неговите граѓани не се во состојба да ги сфатат тие клиентелистички практики и, во некои случаи, воопшто не можат да ги препознаат“, рече Маја Раванска од „Паблик“, која го претстави Индексот во земјава.

„Клиентелизмот е обележје на многу општества, и со многу поголема демократска вредност. Но, кај нас состојбата е таква што политичарите и медиумите веќе не се ни обидуваат до го кријат. Медиумите не се првиот бизнис на нивните сопственици, туку тие, на повеќето, им се алатка за остварување на некои поинакви интереси. Во медиумите каде што има клиентелизам, нема етика, зошто тие не ги сакаат телата за саморегулација“, вели Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите.

Петрит Сарачини од Центарот за слобода „Цивил“ зборуваше за позицијата на новинарот сред клиентелистичките односи. Неговата состојба, рече тој, е очајна и од етички аспект, но, и во социо-економски контекст.

„Сето тоа придонесува и форматот на производот да не е новинарски, туку клиентелистички. Клиентелизмот кај нас е организиран и оркестриран, и тој е во функција, не на откривање на вистината, туку да наметнува перцепција и друга реалност“, нагласи Сарачини, споделувајќи конкретни примери на клиентелизам во медиумите.

Индексот на клиентелизам во медиумите (МЦИ) го мери ризикот од клиентелистички практики, постоењето на такви практики, како и потенцијалот на општеството и државата да ги решаваат прашањата кои се однесуваат на клиентелизмот во медиумите, како и други прашања кои се однесуваат на функционирањето на медиумската индустрија. Индексот ги опфаќа сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската Комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи (Фридом Хаус, Репортери без граници итн), но, на поинаков начин. Покрај мерење на реалната слика на медиумите во Југоисточна Европа, МЦИ дава детален увид и во сите апекти од функцинирањето на медиумите/носителите на одлуки, како и на оние кои сакаат да учествуваат во јавните расправи за медиумските политики.

Во исто време, дури траеше презентацијата во Скопје, резултатите од Индексот беа споделени и во Загреб, Сараево, Белград, Нови Сад, Подгорица и Букурешт.

На самиот настан беше отворена и изложбата на постери „Artvertising for Fairpress”, продуцирана од Здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), чија цел е подигнување на свеста кај граѓаните за постоењето на клиентелизмот во медиумите.

Изложбата во ЕУ Инфо центарот ќе биде отворена до 26 декември. Регионалниот проект „Медиумски круг“, е поддржан од Европската унија.