Политичките партии, учесници во изборниот процес да престанат со вршење на притисоци врз работата на Државната изборна комисија. Неприфатливо е било какво мешање во работите на ДИК, дури ниту најмала интервенција врз процедурите на нејзиното одлучување, велат од Либерално-демократската партија(ЛДП).
„Членовите на ДИК да не потклекнуваат на политичкото влијание и притисоците, а уште помалку, да не потклекнуваат на пресијата од повикот на одредени партии за протести пред нејзиното седиште, додека одлучуваат за крајните резултати од предвремените парламентарни избори. Ако фактичката состојба потврди дека треба да се прегласува во одредени изборни единици, тоа не смее да биде повод за деструктивно однесување на било која од политичките партии“, се вели во соопштението од ЛДП.
Либерално-демократската партија се залага за фер и демократски избори и однапред го осудува секој обид за било какво влијание врз одлуките на ДИК.
„Во оваа држава мора да се врати владеењето на правото и почитувањето на законите. Апелираме до сите засегнати страни да се воздржат од избрзани и непромислени постапки и да ги почитуваат основните принципи на демократијата и европските вредности“, порачуваат од ЛДП.