СВР-Битола, ги информира сите граѓани, возачи на моторни возила и мобилни машини кои учествуваат во сообраќај на пат, дека во периодот од 15-ти Ноември 2017 година започнува обврската за носење задолжителна зимска опрема во возилото, согласно член 361 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и член 11 од Правилникот за носење на задолжителна зимска опрема (Сл. Весник на РМ бр.31 од 03.03.2010 год.). Според наведениот правилник:
Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг, се подразбира:
- зимски пневматици на сите четири тркала,со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 4 (четири ) мм.
- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина,со минимум од најмалку 4 мм.,ако во приборот во возилото поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4), се подразбира:
- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм.
- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина,со минимум од најмалку 4 мм, ако во приборот во возилото поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг, се подразбира:
- зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм.
- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина,со минимум од 4 мм, ако во приборот во возилото има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
- Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат-лопата.
Напомена:
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, “M+S”, “M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Во согласност со важечкиот Правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата забрането е поставување на пневматици со клинци.
Законската обврска за поседување на зимска опрема важи до 15 Март 2018 година. За непоседување на зимска опрема, односно непочитување на чл.361 ст. 4 од ЗБСП предвиден е мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра (четириесет и пет) евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 (дваесет и пет) негативни бодови во возачката книшка.
Исто така апелираме, на почетокот на зимската сезона, да се посвети посебно внимание и на следното:
- Да се почитува поставената сообраќајна сигнализација, законските прописи и наредбите на полициските службеници.
- Пешаците да се движат внимателно, да се преминуваат улиците на обележани пешачки премини како и да носат светла облека, особено во утринските часови и приквечерина а кога учествуваат во сообраќај на патиштата-по можност облеката или торбите да имаат рефлектирачки налепници за подобро забележување од другите учесници во сообраќајот или пак да се додадат на истите.
- Возачите задолжително да направат проверка на акумулаторот и антифризот во возилото а доколку се патува на подолга релација, препорачливо е да поседуваат и дополнителна опрема (ноќна ламба, храна, вода, потребни медикаменти, ќебе, лопата за снег, метла, песок, стари крпи и сл).