Во три одделни пожара изгореа музичко студио во Скопје, пилана во Кавадарци и приватна куќа во Скопје, соопшти полицијата.
Во средата, во 18.45 часот во ЕИК било пријавено дека во Скопје на улица „Никола Парапунов“, од засега непознати причини избувнал пожар во објект, сопственост на В.Р. (54) од Скопје. Во просториите, кои претходно се користеле како музичко студио, целосно се изгорени три сета удирачки инструменти, четири појачувачи, четири гитари, неколку микрофони и друга музичка опрема. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита и повредени лица нема.
Истиот ден, во 21.30 часот во Кавадарци на ул. „Индустриска“, од засега непознати причини избувнал пожар во пилана, сопственост на Т.К. (47) од Кавадарци. Во пожарот се изгорени машините за обработка на дрво и дрвна граѓа, а повредени лица нема. Пожарот е локализиран од екипи на Противпожарната заштита Кавадарци, во 1.05 часот по полноќ.
Околу 23.20 часот телефонски во ЕИК, од страна на Бригадата за противпожарна заштита било пријавено дека во Скопје, на улицата „Полог“ имало опожарена куќа сопственост на М.Б. (72). Во пожарот целосно е изгорена покривната конструкција, која се запалила од оџакот. Повредени лица нема. Пожарот е изгаснат од Противпожарната бригада.
Увид за сите три случаи ќе се врши истрага за откривање на причините за несреќите.