Власта не планира апсење на лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев.
Ова попладнево го одговори премиерот Никола Груевски на новинарско прашање како ја коментира изјавата на поранешниот известувач за Македонија во Европарламентот, Ричард Ховит дека дел од европратениците се загрижени поради можноста за апсење на претседателот на социјалдемократите
„Не се подготвува апсење на Заев“, кусо одговори Груевски, пренесе телевизија Телма.
Премиерот Груевски во петокот присуствуваше на отворањето нова спортска сала во скопското село Љубанци и притоа не даде конкретни коментари околу аферата „Бомба“.
На новинарските прашања поврзани со содржината на објавените аудио снимки, спрегата меѓу извршната и судската власт и одредени медиуми, како и упадот на странски служби во безбедносниот систем на Македонија, даде само куси одговори.
„На ова прашање одговорив на прес-конференцијата во средата, на која одговорив на сите прашања на новинарите, до последното, вклучително и на ова така што нема што да додадам“, рече Груевски.
Додаде и дека нема да го прифати барањето на Здружението на новинарите на Македонија да даде оставка од функцијата премиер заради обвинувањата од СДСМ дека власта прислушувала повеќе од сто новинари./крај/мф/
Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.