ЕДНОГЛАСНА ОДЛУКА ЗА ОБЈАВУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИТЕ

Централниот одбор на СДСМ едногласно застана зад претседателот на СДСМ, Зоран Заев и раководството на партијата и донесе црвста и решителна одлука да почне објавувањето на документите, што докажуваат криминал и корупција во највисокиот врв на власта.

Централниот одбор, го овласти раководството на СДСМ да ги обелодени документите што докажуваат системско и незаконско прислушување илјадници граѓани, целосна контрола и злоупотреба на државните институции и правосудните инстанци во партиски и изборни цели, злоупотреби и груби нарушувања во изборниот процес, селектираната и партиски диригирана правда, погазената држава.

Во едногласно усвоените заклучоци се констатира дека вистината за состојбите во Република Македонија мора да излезе на виделина и согласно Уставот и законите никој нема право да го спречи објавувањето документи, што докажуваат криминал и злоупотреба од страна на највисоките ешалони власта.

Целта на овие документи не е само да се констатираат постоечките состојби и да се објави вистината, туку и да се иницира процес на враќање на слободата и демократијата и возобновување на правната држава.

Како што учествуваше во поставувањето на темелите на државата и во сите чувствутелни моменти за земјата, СДСМ е подготвена и денес да ја одигра клучната улога за Македонија, констатираше Централниот одбор.

За таа цел Социјалдемократскиот сојуз почнува проект Вистината за Македонија.

Централниот одбор на СДСМ ги повикува сите граѓани да ги подржат напорите за враќање на Република Македонија на демократските патеки.

ЦО на СДСМ вечерва донесе и неколку други одлуки.

По истекот на мандатот на Рената Дескоска Треневска како претседавач со ЦО, едногласно е именуван нов претседавач, членот на Централниот одбор, Диме Велковски. Рената Дескоска Треневска останува членка на ЦО.

Исто така, Централниот одбор на СДСМ едногласно одлучи, Едмонд Адеми да биде член на Извршниот одбор и на Централниот одбор на СДСМ.