Дваесет и две години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров

Пред 22 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди во главата.

На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител сè уште е отворена.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.