Со четири гласа „за“ и четири „против“, државната изборна комисија (ДИК) доцна вечерта во саботата го отфрли последниот приговор на СДСМ, кој се однесуваше на избирачкото место 2011 во општина Теарце во шестата изборна единица.
СДСМ бараше поништување на гласањето во ова избирачко место поради тоа што на почетокот на гласањето недостигало едно гласачко ливче, кое пак потоа било пронајдено во гласачката кутија, а исто така фалел и еден записник од местото. Со последната одлука ДИК ја заврши тридневната маратонска сесија којашто се одржа во тензична атмосфера и секојдневни протести пред просториите на ДИК од страна на членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од вкупно 16-те поднесени приговори, по осум од СДСМ и движењето БЕСА, ДИК прифати само еден приговор од БЕСА и го поништи гласањето во едно избирачко место во Гостивар. За време на седницата на ДИК во петокот, СДСМ сами повлекоа уште два приговори. Она што сега следи е 24-часовен рок за поднесување на жалби од страна на политичките партии кои се учесници во изборите до Управниот суд, и потоа судот по нив треба да одлучи во следните 48 часа.
Опозицијата смета дека со прегласувањето на ова избирачко место може да се влијае врз изборниот резултат односно да ѝ одземе на ВМРО-ДПМНЕ еден пратенички мандат, за колку што е предноста во оваа изборна единица на владејачката партија пред СДСМ.
Во Изборната единица 6, победи ДУИ со 40.599 гласови кои му обезбедија 6 пратеници, а втора беше ВМРО-ДПМНЕ со 26.135 гласови кои носат 4 пратеници од оваа изборна единица, додека СДСМ доби 25.828 гласови и 3 пратеника. Но БЕСА, која е блиска опозициска партија со социјалдемократите освои 25.054 гласови, и исто така, 3 пратеника. По два мандата од „шестката“ освоија Алијансата за Албанците и ДПА.
Според прелиминарните конечни резултати кои ги соопшти ДИК, владејачката ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 мандат, СДСМ – 49, ДУИ – 10, БЕСА – 5, Алијансата за Албанците – 3 а ДПА два пратенички мандати.