Амбасадата на Руската Федерација и Почесниот руски конзулат во Македонија, со положување цвеќе пред споменикот Руски крст во градскиот парк во Битола, денеска го одбележуваат Денот на руската дипломатија.
Церемонијата се одржува секоја година и, според старата традиција, создадена од руските дипломати кои работеле во Македонија, се одржува токму во Битола кај Рускиот крст. Споменикот е подигнат во чест на рускиот императорски конзул Александар Ростковски кој во 1903 година исполнувајќи го својот службен долг загинал од раката на османлиски војник“, рече рускиот амбасадор Олег Шчербак, додавајќи дека со овој настан им се оддава почит на сите дипломатски службеници кои загинале за време на исполнувањето на своите службени обврски.
„Трагичната судбина на конзулот Ростковски не потсетува на тоа што дипломатијата е тешка и одговорна работа која бара да се имаат не само длабоки професионални знаења, туку и високи морални и човечки принципи се до подготвеноста да се даде својот живот. Неповратни загуби на нашата дипломатија во изминатите месеци се трагичната смрт на амбасадорот на Русија во Турција, г-дин Андреј Карлов, во терористичкиот напад во Анкара, како и прераната смрт на Амбасадорот на Русија во Индија, г-дин Александар Кадакин, покажаа дека колку и да е жално, но и во 21 –от век руските дипломати исполнувајќи го својот службен долг понекогаш плаќаат највисока цена“, изјави амбасадорот Шчербак.
На одбележувањето на Денот на руската дипломатија во Битола, присуствуваа почесниот руски конзул во Битола Сергеј Самсоненко, битолскиот градоначалник Владимир Талески како и претставници на дипломатскиот кор, а свое обраќање имаше рускиот амбасадор Олег Шчербак.
„Голема благодарност од нас граѓаните на Битола, до нашата голема пријателска земја Русија, што токму овој ден одлучи да се прославува токму овде во Република Македонија, во Битола, во чест на големиот Ростковски. Тоа е еден светол пример, како еден човек кој што со сите свои човечки доблести, морални и етички, застана на страната на правдата, на вистината. Тој не го штитеше православниот народ затоа што самиот беше православен, не само заради тоа, туку заради тоа што османлиите вршеа голема неправда, голем терор. Нашиот Крсте Петков Мисирков, постојано бил како брат, како десна рака на Ростковски и заедно со него ги испиша едни од најтешките значајни страници на Република Македонија и се разбира на нашиот град“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Празникот на руската дипломатија е утврден со Указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин од 31 октомври 2002 година. Се слави на 10 февруари затоа што на тој ден во 1549 година е првото спомнување на „Посолскиот приказ“ односно прва надворешно-политичка служба на Русија.