Како превентивна мерка од евентуални нови поплавувања во населбата Мургашево, локалната самоуправа презема дополнители активности за спречување или намалување на можните последици. Ангажирана е дополителна механизација која што веќе два дена работи на проширување и издлабочување на речното корито на Стара Река, како и отстранување на некои таканаречени тесни грла кои го забавуваат протокот на вода.
Се смета дека со овој зафат речното корито ќе може да акумулира поголема количина вода и нема да дојде до поголемо излевање на водата од коритото и поплавување на околните дворови, помошни објекти, па и домови.
Паралелно со овие зафати, локалната самоуправа прави подготовки во обезбедување на вреќи со песок за поставување мини вештачки брани како најефикасна заштита во случај на големи водотеци како од пред два – три дена.
Повозрасните жители кои живеат во загрозениот дел од населбата Мургашево последен пат ваков водотек на Стара Река виделе во далечната 1962ра година. Изминативе 53 години имало поплавувања, но никогаш во ваков обем и со толку многу вода.
Инаку во овој дел од населбата Мургашево кои трпат страв, неизвесност и штети од редовни поплави што се случуваат при поголеми врнежи од дожд и снег, живеат 10ина семејства со околу 40ина членови од најразлична возраст.