Поранешниот премиер, шеф на државата и претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, во понеделникот со отворено писмо до јавноста му даде отворена поддршка на неговиот наследник како лидер на најголемата опозициска партија, Зоран Заев, за објавувањето на `бомбите` и вели дека „оваа власт не се урива со опозиција, туку со народ“.
„На Зоран Заев му честитам на храброста и му ја давам целосната моја поддршка за тоа што преку ‘Вистината за Македонија’ на најдиректен начин ги соочи сите со катастрофалната реалност во која живееме. Сега барем нема место за нечии изговори и оправдувања дека не знаел што се случува“, пишува Црвенковски.
Според него, осознавањето на вистината „за карактерот на овој режим не е доволно тој режим“ да падне, „ваков бескрупулозен режим не се руши само со прес -конфренции и лајкови на фејсбук“, туку “ваква тоталитарна власт која ги контролира сите институции може да биде поразена само од народ и со народ“.
За тоа да се случи, Црвенковски вели, треба да се направат неколку неопходни чекори.
„Да се ослободиме од илузијата дека по обелоденување на „бомбите“ Груевски и камарилата самите ќе си поднесат оставки и со наведнати глави ќе си заминат. Детски наивно е да се очекува од вакви луѓе после се што направија да покажат било какво чувство на одговорност“, пишува Црвенковски во писмото.
Според него, погрешно е и за крајната цел апсолутно штетно да се подгреваат лажни надежи дека меѓународната заедница со некакво „робусно“ присуство ќе изврши силен притисок на Груевски сам да се повлече и да овозможи формирање на преодна влада.
„Тоа едноставно нема да се случи. Ниту Брисел и Вашингтон се подготвени на тој начин да настапат, а ниту на Груевски му е битно каков е нивниот став. Тој во себе одамна има расчистено со евро-атлантската иднина на Македонија“, пишува Црвенковски.
Поранешниот претседател на СДСМ смета дек приказните кои се шират во одредени опозициони кругови дека промената на власта само што не се случила па уште и се лицитира кој на чело на кое министерство или институција ќе дојде се погубни.
„По расчистувањето со овие илузии и дилеми „отпорот“ или како ли веќе ќе се вика мора да се обнови и да се организираат масовни и континуирани протести. Тие протести треба да бидат мирни и ненасилни, но со својата масовност и упорност да го делегитимираат и натераат на отстапки режимот на Груевски. Оваа историска македонска драма ќе мора да заврши на избори, но во психолошки смисол победникот на тие избори треба да биде познат уште пред нивното распишување. И тоа никако не смее да биде Груевски“, пишува Цренковски.
„Во оваа прилика сакам да ги отфрлам како апсолутни глупости тезите од типот: ‘ние Македонците не сме такви, во нашиот менталитет не е да се бунтуваме и да протестираме’. Тврдам, и не да мислам туку знам дека нашиот народ не е ниту помалку храбар, ниту помалку слободољубив и правдољубив од било кој друг во регионот или пошироко. Знае овој наш народ многу добро што е правилно, а што погрешно, што е правда а што неправда, за што вреди а за што не да се бори и ризикува. Не е клучното прашање дали тој ќе ја поддржи и ќе учествува во оваа битка. Решавачки ќе биде кој, за какви идеи и со кој кредибилитет ќе го повика во таа борба“, додава Црвенковски.
Смета дека на Македонија во битката против „овој злосторнички и тоталитарен режим“ и е потребно едно широко народно движење, еден сеопфатен опозиционен демократски фронт кој во себе ќе ги вклучи буквално “сите кои можат и сакаат да дадат свој придонес“.
„Мојот СДСМ во овој процес ќе има повторно, како и многупати во минатото една исклучително одговорна но во исто време и комплексна задача.Од една страна како најголема и најдобро организирана опозициона партија да биде главниот двигател во сите овие активности и во исто време заради општото добро и историската улога да ја демонополизира опозиционата сцена во земјата. Притоа за да може СДСМ да биде главниот стожер на обединување мора прво да се обедини себе си. Сите меѓусебни етикетирања и дискредитирања мора веднаш да запрат“, пишува Црвенковски.
„Еве, ова е стратегијата во која верував пред две години и во која уште повеќе верувам денес и на чија реализација до колку до нејзе дојде целосно се ставам на располагање. Подготвен сум на ист начин како и на 24-ти декември 2012 година заедно со син ми да бидам во првите редови!И искрено се надевам дека сите „душегрижници“ кои во изминатиов период ме прозиваа ‘каде е Бранко’, ќе бидат заедно со своите најблиски во мојата близина. Ладата, симболот на ‘отпорот’ е во одлична состојба, редовно одржувана и на време регистрирана. Сосема на крај. Денес е 20-ти април. Ја користам оваа прилика на сите мои сопартијци да им го честитам роденденот на СДСМ и да им посакам многу среќа и успех во работата!“, завршува Црвенковски.
Тој, на почетокот од писмото објаснува дека во периодот на молк не бил ниту болен, ниту бил изложен на сериозни уцени и закани, па дури и дека не му е повредена суетата, а најмалку дека не му е грижа ниту за народот ниту за државата./крај/мф/бб
Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.