Денес, се одржа состанок на Централниот Штаб на Внатрепартиската Иницијатива за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ во присуство на активисти од Републичкиот штаб, 19 Окружни и сите Општински штабови низ Република Македонија.На истиот се разгледа реализацијата на планот за работа за 2017 година и актуелната состојба со закажаниот вонреден Конгрес на партијата.
Централниот штаб полноважно работеше и одлучуваше во присуство на 245 од поканетите 250 активисти на ВМРО-ДПМНЕ. Со значително мнозинство од присутните, донесени се следните заклучоци:
- Внатрепартиската Иницијатива за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ во голем дел ги исполни зацртаните активности, согласно Планот за работа за 2017 година.
- Внатрепартиската Иницијатива беше започната со цел темелна имплементација на принципите и вредностите за демократизација, модернизација, европеизација и обединување на ВМРО преку ВМРО-ДПМНЕ. Во таа смисла Иницијативата ќе продолжи со активностите сè до конечна реализација на целите.
- Во поглед на закажаниот вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, Централниот штаб ги реафирмира принципите и вредностите наведени во Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и Декларацијата “Европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија” пред личностите и борбата за преземање на обврската да се управува партијата. Од тие причини, нема да предложиме кандидат за претседател на овој Конгрес.
- Начинот на кој се повика и брзината со кој се организира овој вонреден Конгрес, за жал може да биде причина за негово повторување во блиска иднина.
- Искрено им благодариме на 208те делегати кои дадоа поддршка на идејата за учество на Внатрепартиската Иницијатива на овој Конгрес.Повикуваме нивната одлука за учество на Конгресот и евентуалната поддршка на некој од предложените кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, да ја изразува нивната слободна волја и убедување од една страна, но особено да ги имаат во предвид принципите и заложбите на внатрепартиската иницијатива и барањето за демократизација на Статутот на партијата.