Од Авалон Продукција во четвртокот најавија тужба против Град Скопје поради откажаниот дочек на Нова година на плоштад Македонија, каде што требаше да настапи пејачката Каролина Гочева, која е дел од Авалон Продукција. На дочекот исто така требаше да настапат и раперот Слаткаристика и пејачот на народна музика Миле Кузмановски.
Сопственикот на Авалон, Бобан Милошески, веднаш по веста дека Град Скопје го откажува дочекот на Нова година и дека средствата ќе ги донира во социјални цели, порача дека неговата продукција ќе го тужи Град Скопје и ќе бара целосно да и бидат исплатени сите трошоци.
„Ако град Скопје се откаже од дочек на Нова година (а тоа може да го направи затоа што оваа година не плаќа 100 илјади евра за некоја Северина и 50 илјади евра за продукција од странство) и со тоа ги оштети македонските артисти и продукцијата од Македонија, Авалон Продукција ќе го тужи Град Скопје и ќе бара целосна исплата на сите трошоци. Исто од хуманитарни причини Авалон ќе покрене петиција градоначалникот Коце Трајановски и вработените во град Скопје своите шест месечни плати да ги донираат на сиромашните“, напиша Милошески на својот фејсбук профил.
Според него, „Нова година на пејачите во Македонија им значи живот, исто како на секој што работи за плата“. „Пејачите за Нова година заработуваат за живот и нив тој термин им значи како на некој што му значат шест плати. И до кога си патриотизам на штета на Македонецот? Да беше некој Оливер Драгоевиќ како лани, ќе беше платен 100 илјади евра (и досега ќе беше и исплатен), но бидејќи е наш Миле Кузмановски немаме гајле и сега ќе глумиме хумани. Како тоа Андреј не може да ги откаже Филм и Забрањено пушење, а Коце може Миле и Слаткар? Се разбира дека не може бидејќи тие не се Македонци. А мозок, тоа не постои. Затоа ќе има суд“, додаде Милошески.
Град Скопје во четвртокот преку соопштение најави дека се откажува од дочекот на Новата 2017-та година, кој требаше да се одржи на плоштадот Македонија, додавајќи дека средствата планирани за организирање на дочекот во изност од околу два милиона денари ќе бидат донирани во социјални цели, при што одлуката каде ќе бидат донирани средствата ќе биде дополнително донесена од страна на Советот на Град Скопје.