Акција „Георгиевска лентичка“ на концертот во Битола

 

На 9 Мај се одбележува Денот на победата над фашизмот.

По тој повод, Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и Почесниот руски конзулат во Битола организираат концерт „Еден ден на војната“. Концертот ќе се одржи на 7-ми мај во 19:30 часот на Широк Сокак. Како дел од овој настан е и Здружението на младите руски сонародници „Русичи“, организација што обединува младинци кои имаат потекло од Русија, а живеат во Република Македонија.

Според претседателот на „Русичи“, Ирена Гуржовска, една од позначајните акции во кои тие се вклучуваат е и „Георгиевската лентичка“. Оваа акција се спроведува од 2005 година во Руската Федерација, а денес се спроведува во повеќе од 30 земји низ светот. Акцијата „Георгиевска лентичка“ подразбира делење на Георгиевски ленти со портокалова и црна боја, каде што портокаловата боја означува пламен, а црната – дим. Пред 9ти мај, Денот на победата над фашизмот, се закачуваат Георгиевски лентички на облеката во знак на почит и сеќавање на сите војници-херои коишто учествувале во Втората Светска Војна. Георгиевската лента за прв пат се сретнува уште во времето на Екатерина Втора и била дел од од воениот орден на свети Ѓорѓи Победоносец, кој прв пат бил доделен во 1769 година.

„Георгиевската лентичка е препознатлив симбол за Денот на победата – 9 Мај и оваа акција се случува секоја година во Македонија. Годинава, овој симбол ќе биде поделен и на концертот „Еден ден на војната“ во недела на 7-ми мај во Битола. Со оваа акција ќе се присетиме на жртвите во Втората Светска Војна. Мотото на оваа акција е „Јас паметам, јас се гордеам“ – вели Гуржовска.