Оваа година главни ѕвезди на големата сцена на Широк Сокак во рамките на фестивалот “Битола Отворен град 2017” се култниот сараевски рок бенд “Забрањено пушење” и македонските реге предводници “Conquering Lion”.
Двете групи ќе настапат во среда на 28 јуни, со почеток во 21 часот на Широк сокак во Битола, во рамките на главниот музички хепенинг на фестивалот, во организација на Младинскиот културен центар-Битола.
Со гостувањето во рамките на овој меѓународен фестивал “Забрањено пушење”, премиерно настапуваат во Битола. Публиката, која традиционално во голем број го посетува фестивалот, ќе има можност да го проследи настапот на овој реномиран бенд формиран во 1980 година од неколку сараевски гимназијалци. Нивниот прв албум е издаден во 3.000 примероци, но заради преголем интерес е реиздаден и продаден во дури 100.000 примероци. Во 1984 година, групата за прв пат тргна на голема турнеја низ тогашна Југославија по што стана една од најголемите брзорастечки југословенски музички атракции.
Низ годините оригиналните членови заминуваа, а на нивно место доаѓаа нови, но “Забрањено пушење” беше и остана еден од најголемите бендови на Балканот. Нивните концерти ги посетува бројна публика, а нивните албуми се продаваат во тираж од стотици илјади примероци. Досега имаат снимено девет студиски албуми. Со нивните експлозивни настапи, легендарните “Забрањено пушење” одамна го носат епитетот на бенд кој што мора да се види во живо.
Македонскиот реге бенд “Conquering Lion” годинава одбележува 10 годишно успешно егзистирање на музичката сцена низ годините стекнувајќи голема популарност и на европската музичка сцена. Љубов, мир и разбирање е пораката која веќе една деценија ја пренесуваат преку реге музиката во која вметнуваат и модернистички елементи, комбинираат фанк и хип хоп.
Досега имаат настапувано со големи реге имиња како што “Gentleman”, Ras Zacharri, Donald Minott, Hornsman Coyote и други. Во фокусот на публиката во моментот е нивниот најнов, четврт по ред, студиски албум “Land of confusion”. Албумот содржи девет песни во комбинација на жанровите реге, њу рутс и даб.
Сите настани на фестивалот “Битола отворен град” ќе се одвиваат на отворено и без влезници, со што енергијата на “Забрањено пушење” и “Conquering Lion” ќе стигне до поширока публика.