Актерите од Народниот театар од Битола беа поздравени со силен аплауз и овации и на синоќешната изведба на претставата „Среќен крај“ во режија на Благој Мицевски со која се претставија во реномираниот театар „Камери“ во Тел Авив, Израел.
По изведбата на претставата, која обработува една семејна драма во 30-тите години во Берлин, следеше и разговор со режисерот на делото Мицевски, како и со авторот на овој драмски текст, Иддо Нетанјаху. Меѓу присутните гости беше и амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија, Дан Оријан којшто го истакна големото значење на ова театарско претставување, прво на национален театар од Македонија во Израел, кое, како што нагласи е во контекст на зајакнување на односите во областа на културата меѓу двете земји. Од театарот „Камери“ кој е една од најпрестижните театарски куќи во Израел изразија подготвеност соработката со Битолскиот театар да продолжи и во иднина.
Претставата „Среќен крај“ изминатите денови, во два наврати, со особен успех беше изведена и во рамките на 36-тото издание на реномираниот меѓународен театарски фестивал „АККО“, кој традиционално се одржува во израелскиот град Акре. Идејата за соработка и гостување на Битолскиот театар во Израел почна да се реализира уште во 2014 година, за време на одржувањето на Фестивалот на монодрама во Битола кога авторот на текстот „Среќен крај“, Иддо Нетанјаху, ја проследи претставата „Без паника“ во изведба на Народниот театар од Битола и изрази желба за соработка. Неколку месечната комуникација меѓу театарот и авторот резултираше со соработка, која договорено е да продолжи и во иднина.
Гостувањата на Народниот театар од Битола во Израел се реализираа како дел од програмските содржини на Министерството за култура за меѓународна промоција на македонската култура.