Со особен успех и со многубројна публика заинтересирана за македонската театарска уметност, започна гостувањето на Народниот театар Битола во Санта Барбара, Калифорнија во Соединетите Американски Држави.
Синоќа на четири различни локации во Музејот на Санта Барбара беа одиграни четирите кратки претстави инспирирани од Сонетите на Шекспир кои својата премиера ја имаа летово на четвртото издание на интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“. Станува збор за проекти во кои се вклучени уметници од Народниот театар – Битола и од компанијата „Лит Мун“ од Санта Барбара како резултат на долгогодишната соработка помеѓу двете театарски институции.
Поради големиот интерес, претставите во периодот од 5 до 8 часот беа одиграни по 3 пати со што многубројната публика можеше да ги проследи редоследно по сопствен избор и да ја комплетира сликата на целокупниот перформанс кој го слави делото на Шекспир.
Овој проект е дел од петдневниот фестивал што се случува во Санта Барбара на кој в недела битолскиот Театар ќе ја одигра и претставата „Антоние и Клеопатра“ во режија на Џон Блондел.
Уште еднаш македонскиот јазик и култура се претставени во друштво на познавачи на театарот и делото на Шекспир за што пишува и познатиот шекспиролог од Канада, Рандал Мартин.
Неделниот весник „Индепендент“, исто така, ударно на цела страница го најави целиот настан објаснувајќи ги мотивите и потребата од ваков фестивал во времето во кое живееме.
Уметниците од Битола ќе можат да проследат уште две претстави од своите американски колеги и видеоинсталацијата, која опфаќа 37 филмови инспирирани од делото на Шекспир кои театарот „Глоуб“ ги сними на автентични локации низ светот. Целокупната прошетка низ инсталацијата специјално преземена од Лондон трае 6 часа, а на огромно задоволство на екипата на Театарот од Битола на еден од екраните се прикажуваат и видеосегменти од претставата Хенри VI, трет дел, која својата премиера ја имаше токму на сцената на легендарниот театар „Глоуб“ во Лондон.
Актерите задоволни од синоќешните изведби веќе се подготвуваат за претставата в недела што ќе се изведе во прекрасен специфичен амбиент.
Ова е второ гостување на битолскиот Народен театар во Санта Барбара во рамки на плодната соработка што ја воспоставија во подготовка на Шекспировите дела со театарот „Лит Мун“. Годинава, Народниот театар со поддршка од Министерството за култура реализираше четири гостувања – во Русија, Бугарија, Израел и последната промоција на македонската култура во САД.